Некогаш патувањата беа многу полично и побавно доживување. Планирањето се сведуваше на прелистување туристички водичи, читање патописни рубрики во весници и списанија или, најчесто, на препораки од роднини и пријатели кои веќе посетиле некое место.
Се патуваше за да се избега од работата, секојдневната рутина и градската врева, како и за да се помине квалитетно време со семејството. Фотографии, секако, постоеја, но најчесто остануваа зачувани во семејните албуми.
Денес ситуацијата драстично се промени, а патувањата станаа пред сè содржина за прикажување на социјалните мрежи. Дестинациите повеќе не се откриваат преку усни препораки, туку преку reels-видеа, Pinterest табли и вирални влогови. Преку ноќ некое планинско кафуле станува вирално, скриена плажа одеднаш се појавува на сечиј фид...
Патувањата станаа повизуелни, подостапни и попривлечни од кога било досега. Но, некаде помеѓу опциите „зачувај за подоцна“ и императивот „посети го ова пред сите други“, драстично се промени и начинот на кој ги доживуваме местата.
Потрага по „потценети“ и естетски привлечни дестинации
Социјалните мрежи темелно го променија начинот на кој дестинациите стекнуваат популарност. Порано туристите главно се држеа до познатите места, додека денес сите трагаат по „скриени бисери“.
Доволен е само еден вирален reel за некое тивко село да се претвори во нова интернет-опсесија. Малите места и кафулиња одеднаш се преплавени со туристи откако инфлуенсерите ќе ги споделат со милиони следбеници. Иронично, интернет-опсесијата со таканаречените потценети места често го уништува токму она што ги правело посебни: мирот, побавното темпо на живот и анонимноста.
Денес на патување се тргнува вооружен со снимки од екранот од Pinterest и зачувани објави од Instagram. Дестинациите сè повеќе се вреднуваат според тоа колку се фотогенични на интернет. Естетски привлечни кафулиња, огледални езера, впечатливи жолти врати – сето тоа станува дел од визуелната листа што треба да се „штиклира“.
Патување заради содржина, а не заради искуство
Една од најголемите промени што ги донесоа социјалните мрежи е таканареченото перформативно патување. Луѓето повеќе не патуваат само за да искусат некое место, туку и за да се документираат себеси додека го доживуваат.
Така, може да се видат патници кои на истите локации ги повторуваат идентичните пози што ги виделе во некој reel. Цели патувања денес се планираат околу можностите за создавање содржина: снимање изгрејсонца, кадри направени со дрон и користење популарни звучни подлоги.
Оваа трансформација не ги заобиколи ниту духовните и верските места. Луѓето снимаат катедрали, цркви, храмови – места на кои некогаш им се пристапуваше со почит, а денес често служат како позадина за reels. Токму поради тоа, некои верски објекти воведоа правила за забрана на користење мобилни телефони и камери.
Патувањето на многу начини стана сценарио. Наместо мирно да седат на пристаниште или плажа, многумина размислуваат за агли на снимање, описи на објави и за тоа како да станат вирални. Понекогаш патувањето е помалку насочено кон создавање спомени, а повеќе кон доказ дека споменот се случил.
Патувањето како статусен симбол воден од FOMO
Некогаш патувањето се сметаше за повремен одмор. Денес, особено на интернет, тоа изгледа речиси како животен императив. Социјалните мрежи ја романтизираа идејата за постојано движење. Одеднаш, се чини дека сите „даваат отказ за да патуваат“ или „работат од плажа или од планина“.
Патувањето стана тесно поврзано со идентитетот и статусот. Колку повеќе места посетувате, толку поинтересен изгледа вашиот живот на интернет. Тоа создаде и силен „патнички FOMO“ (страв од пропуштање). Луѓето постојано ги гледаат објавите на своите пријатели од одмор на плажа и од луксузни сместувања, поради што можат да се чувствуваат како да го пропуштаат животот.
Неодамнешно истражување спроведено во САД тој чувството го опиша како „патничка дисморфија“, состојба во која луѓето поради социјалните мрежи чувствуваат притисок да патуваат повеќе, бидејќи изгледа дека сите други го прават тоа.
Темната страна на најновите трендови
Среде сите популарни приказни и вирални reels-видеа, се губи суштината на таканаречените „помалку познати бисери“. Места кои некогаш, поради својата тишина, привлекуваа патници желни за неконвенционални искуства, денес се преплавени со постојани гужви.
Еден од најголемите недостатоци на патувањата поттикнати од социјалните мрежи е прекумерниот туризам. Места кои некогаш биле мирни денес тешко се справуваат со ненадејниот туристички притисок. Бројни дестинации доживеале огромен пораст на бројот на туристи откако станале вирални.
На глобално ниво, градови како Барселона, јапонската планина планината Фуџи и острови како Бали повеќекратно се соочувале со протести и поплаки поради прекумерен туризам, натрупување отпад и притисок врз локалната инфраструктура.
Комплицирана реалност
Сепак, социјалните мрежи придонеле и за раст на локалните економии. Малите семејни сместувања, локалните кафулиња и непознатите дестинации добиле видливост каква што инаку никогаш не би имале. Мал планински кафич денес може преку еден вирален reel да привлече посетители од целата земја. Тоа е сложената реалност на интернетскиот туризам: истовремено создава можности и хаос.
Многу жители на туристички места велат дека за време на врвот на сезоната се соочуваат со екстремни гужви, улици блокирани од туристи и проблеми во извршувањето на секојдневните активности. Во шпицот на сезоната има огромен прилив на луѓе и сè станува преполнето. Со часови се стои во сообраќај, се попречува секојдневното одење на работа и извршување на обврски, а видлив е и влијанието врз животната средина: дел од туристите фрлаат отпад насекаде, се градат хотели, а локалната инфраструктура попушта под притисокот на туризмот.
Позитивната страна на приказната
Но не е сè толку црно. Социјалните мрежи ги направија патувањата полесни од кога било досега. Порано организацијата на патување бараше многу планирање и истражување. Денес е доволно да се отвори Instagram, TikTok или YouTube и веднаш да се најдат детални планови за патување, анализи на трошоци, рецензии за хотели, предлози за кафулиња и совети за превоз од вистински патници.
Патниците сега знаат кои измами да ги избегнат, каде да престојуваат, што да јадат и колку навистина чини сè уште пред да пристигнат на дестинацијата. Патувањето стана помалку застрашувачко, особено за оние што патуваат сами и за почетниците.
Социјалните мрежи поттикнале и поголем број луѓе да излезат и да го видат светот. На многумина патувањето повеќе не им изгледа како луксуз резервиран за избрани, туку како нешто достапно. Предизвикот што останува е да научиме како да патуваме, а притоа секоја дестинација да не ја претвораме прво во содржина, а дури потоа во доживување.












