Во центарот на вниманието во последните часови е новинарката на „NBC News“, Кристен Велкер, по жестоката расправија со претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на интервјуто во рамки во политичката емисија „Meet the Press“.
Интервјуто прерасна во остар вербален судир поради тоа што Велкер упорно го притискала американскиот претседател да ги поткрепи своите тврдења за изборни нерегуларности со докази.
Трамп бурно реагирал, упатувајќи лични напади кон новинарката и телевизиската мрежа „NBC“, па дури ѝ рекол дека е „или глупава или корумпирана“, пред предвреме да го прекине разговорот и да го напушти студиото.
Која е новинарката што го разбеснила Трамп?
Кристен Велкер се смета за една од најискусните политички новинарки во САД. Родена е во Филаделфија во 1976 година и студирала американска историја на Универзитетот Харвард.
Својата професионална кариера ја започнала во локални телевизиски станици, а во 2010 година се приклучила на „NBC News“.
Од 2011 година таа ја извршувала должноста дописничка од Белата куќа, следејќи ги последователните администрации на Барак Обама, Доналд Трамп и Џо Бајден. Нејзиното присуство во политичкото новинарство ја направи еден од клучните гласови на телевизиската мрежа „NBC News“.

Поширока препознатливост ја стекнала во 2020 година, кога ја модерирала претседателската дебата меѓу Трамп и Бајден. Нејзиното водење на дебатата доби позитивни оценки од голем дел од американските медиуми, што дополнително го зацврсти нејзиниот професионален углед.
Од септември 2023 година таа е водителка на емисијата „Meet the Press“, најдолговечната политичка емисија во историјата на американската телевизија. Паралелно со тоа, продолжува да води интервјуа со најзначајните личности од американската и меѓународната политика.
Трамп збеснал за време на интервјуто
Интервјуто што повторно го стави името на Велкер во центарот на вниманието беше емитувано во недела на „NBC“ и стана едно од најбурните телевизиски појавувања на Трамп во последно време. Прашањата за изборите во 2020 година и настаните од 6 јануари во Капитол Хил предизвикаа тензии меѓу двете страни, па разговорот брзо стана експлозивен…
За време на интервјуто, американскиот претседател повторно ги изнел своите тврдења за изборни нерегуларности на претседателските избори во 2020 година, тврдејќи дека изборниот резултат не бил легитимен. Велкер одговорила дека тие тврдења повеќепати биле разгледувани од американските судови и изборни институции, без да бидат пронајдени докази што би ги потврдиле.
Тензијата дополнително се зголемила кога разговорот премина на настаните од 6 јануари 2021 година и на поддржувачите на Трамп кои биле процесуирани поради учество во упадот во Капитол Хил.
Американскиот претседател го бранел ставот дека многумина од нив биле неправедно третирани од властите, при што споменал и предлог за формирање посебен фонд за обесштетување на оние кои, според него, биле политички прогонувани.
Новинарката продолжила да инсистира на прашањата, барајќи конкретни докази што би ги поткрепиле неговите тврдења. Во тој момент расправата излегла од рамките на вообичаено политичко интервју, а Трамп го довел во прашање нејзиниот кредибилитет и ѝ порачал дека е „или корумпирана или глупава“.
Велкер одговорила дека не е корумпирана и повторно нагласила дека не постојат докази кои го потврдуваат она што го тврдел американскиот претседател.

Набргу потоа, видно изнервиран за време на разговорот, Трамп одлучил предвреме да го заврши интервјуто.
„Ајде да завршиме овде, бидејќи сум изморен. Благодарам, драга“, рекол тој пред да стане од столчето и да го напушти студиото.
Пред да си замине, упатил и нови критики кон „NBC News“ и други големи американски медиуми тврдејќи дека немаат кредибилитет.
















