Иран соопшти дека во израелските напади има 15 повредени, но засега нема загинати, додека двете страни се подготвени за понатамошни операции во регионот. Напнатоста меѓу Израел и Иран се зголемува по низа одговори и воздушни напади.
Шефот на иранските служби за итни случаи, Џафар Миадфар, денеска изјави дека во неодамнешните израелски напади се повредени 15 лица, а засега нема загинати, пренесе Анадолија.
Миадфар, кој раководи со Иранската организација за итни интервенции, изјави дека 14 повредени се регистрирани во округот Махшахр во југозападната покраина Хузестан, додека едно лице е повредено во Техеран, пренесе полуофицијалната новинска агенција Тасним.
Според него, едно од повредените лица сè уште е хоспитализирано, додека останатите 14 по укажаната медицинска помош се пуштени на домашно лекување.
„Досега не е пријавен ниту еден смртен случај“, изјави Миадфар.
Тој додаде дека иранскиот здравствен систем и службите за итни случаи и понатаму се во состојба на целосна готовност и се подготвени да обезбедат медицинска помош во случај на нови напади.
Тензиите ескалираа во неделата кога Израел го бомбардираше либанскиот главен град Бејрут и покрај важечкото примирје. Иран потоа, според медиумските извештаи, возврати со ракетен напад врз северен Израел, по што Израел започна повеќе бранови воздушни напади врз Иран.
Иранската војска рано утрово соопшти дека ги прекинува нападите врз Израел, но предупреди дека ќе одговори „разорно“ доколку Израел продолжи со нападите врз Либан.
Израелските медиуми, повикувајќи се на неименувани претставници, објавија дека Израел се согласил да ги запре воздушните напади врз Иран, но дека ќе ја продолжи воената операција во јужен Либан.







