Интер го следи Куртис Џонс веќе неколку месеци и имаше почетен обид да го ангажира уште во јануари, но откако зделката не успеа да се конкретизира, италијанскиот првак најави дека ќе направи се за да го осигура уште во раната фаза на летниот преоден рок.
Бепе Марота и Пјеро Аусилио не криеја дека англискиот играч за врска е примарна трансфер цел уште во раната фаза на месец јуни, а сега на средината на истиот месец пристигнува и првата официјална понуда.
Како што јавува угледната „Газета“, Интер веќе води преговори со директорите на Ливерпул и испратена е прва понуда вредна 20 милиони евра, што секако е добра подлога за иницирање на добра комуникација.
Истиот извор уверува дека Ливерпул како клуб нема да ја прифати почетната понуда на италијанскиот шампион, но додава дека има добри предуслови за да се најдат некаде на средина.
Ливерпул бара 30 милиони евра за да го ослободи својот фудбалер, а Интер секако се надева дека ќе може малку да ја спушти таа цена и да се „исценка“ за 4 до 5 милиони евра.







