Златко Далиќ ќе ја води Хрватска на трето Светско првенство во низа, а судбината посака на патот повторно да му се испречи Англија, селекција против која неговите играчи војуваа на историскиот поход до сребро во 2018-та година.
Хрватска тогаш ја победи Англија и загуби во финалето од Франција, но четири години подоцна, Хрватска одново се прикажа во извонредно светло и го освои бронзениот медал во битката за трето место.
После два импресивни резултати за така мала земја, очекувањата во Хрватска секако се многу големи, а селекторот Златко Далиќ е свесен дека не може да се живее од минатото.
– Ова Светско првенство го гледам како да ми е прво. Медалите кои ги освоивме се извонредни, тоа никој не го очекуваше и направивме светско чудо.
– Сепак, тоа е историја и останува зад нас. Не можеме да живееме од минатото засекогаш. И сега имаме големи цели, сакаме да направиме големи работи и влегуваме со максимални амбиции. Подготвени сме за големи нешта, иако знаеме дека ќе биде многу тешко. За старт имаме најтежок можен предизвик, направивме добра анализа и се надеваме дека ќе минеме како што посакуваме, – изјави Далиќ во пресрет на денешното дерби кое се игра во 22:00 часот.







