Eвропскиот парламент на денешната пленарна седница во Стразбур го усвои Извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година, со кој се оценува состојбата во повеќе области поврзани со евроинтегративниот процес на земјата.
Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа против. Една од најдискутираните точки во пресрет на гласањето беше упатувањето на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој на крајот остана составен дел од извештајот.
Европратениците не го поддржаа амандманот предложен од известувачот Томас Вајц за бришење на ставот 73. За задржување на постојниот текст гласаа 338 пратеници, додека 126 беа за негово отстранување.

Во спорниот став се нагласува потребата Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне конкретни резултати, врз основа на историски извори и документи, во согласност со обврските преземени со Вториот протокол. Во текстот се споменува и концептот на заедничка историја.
Извештајот повторно ја потенцира важноста на спроведувањето на уставните измени како предуслов за продолжување на пристапниот процес. Европскиот парламент го потврдува ставот дека следната меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската Унија ќе може да се одржи по исполнувањето на преземените обврски.

Во документот се осврнува и на заштитата на културното и историското наследство, при што се осудуваат обидите за уништување или менување на историски споменици и артефакти. Воедно се повикува на поголема транспарентност и отворање на архивските материјали на поранешните југословенски безбедносни служби.
Покрај забелешките за ограничен напредок во одредени сфери, извештајот ја истакнува стратешката важност на Коридорот 8, изградбата на железничкото поврзување со Бугарија и потребата од доследно почитување на европските стандарди и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Пред гласањето, премиерот Христијан Мицкоски ги повика европратениците да ги поддржат измените со кои билатералните прашања не би биле дел од европскиот пристапен процес, нагласувајќи дека Македонија заслужува фер и принципиозен третман на патот кон членство во Европската Унија.











