Плажите во Задарската област наскоро ги очекува голема промена што би можела да влијае врз целиот јадрански туризам.
Според новите правила за користење на поморското добро, оградувањето на плажите и наплатата на влез ќе бидат укинати, а пристапот до морскиот брег ќе мора да остане слободен и бесплатен за сите, пишува „нет.хр“.
Како што се наведува, кога за две години ќе истечат последните пет концесии за плажи доделени според старите правила, во Задарската жупанија повеќе нема да има ниту една оградена плажа до која не може слободно и бесплатно да се пристапи.
Одлуката, врз основа на новиот Закон за поморското добро, ја донела Задарската жупанија. Две концесии биле продолжени, но според новите правила, а скратено е и времетраењето на концесиите, кои претходно се доделувале на десет или повеќе години.

„Оваа година на Жупаниското собрание веќе донесовме две одлуки за продолжување на концесиите, но овојпат концесијата, по барање е на пет години, без оградување и без наплата на влез, а со десеткратно поголем приход за Жупанијата, односно за државата“, изјавил Јосип Билавер, жупан на Задарската жупанија.
Според новите правила, концесионерите, наместо локалната самоуправа, ќе се грижат за чистотата и одржувањето на плажата, како и за безбедноста и редот. Исто така, оние кои изнајмуваат лежалки на плажата ќе можат да ги постават на најмногу 60 отсто од површината. Целиот преостанат простор, иако е под концесија, мора да остане слободен и бесплатен за користење.
„Доколку некој на таква плажа не сака да користи туѓа лежалка, без никаков проблем може да дојде со своја лежалка, со свој пешкир и да ја користи плажата. Мислам дека овој закон е еден од најдобрите примери што ги имаме во цела Европа. Сите кои мислат поинаку нека одат во Италија или Грција и нека видат како се уредени плажите таму“, истакнал Билавер.

Според новите правила, концесионерите ќе плаќаат концесиски надоместок за целата плажа, а не само за делот што го користат за изнајмување опрема за плажа или за угостителска дејност.
Инспекциските служби и комуналните редари веќе започнале со проверки, а оние кои нема да ги почитуваат новите правила ги очекуваат парични казни, но и можност да ја изгубат концесијата.







