Бизарната комбинација стана хит на социјалните мрежи: Оваа состојка наводно ја прави лубеницата многу повкусна

Точка

17/06/2026

14:01

1.040

Големина на фонт

а а а

Иако некои комбинации на храна на прв поглед изгледаат неспојливи, практиката честопати го покажува спротивното.

Да се потсетиме само на ананасот на пица или на спојот на слатки и солени вкусови што го освои светот. Но, што кога на списокот со такви комбинации ќе се најде сенф на лубеница?


Станува збор за тренд што стана вирален уште пред пет години, а дел од оние што го пробале тврдат дека десеткратно го засилува вкусот на омиленото летно овошје, пишува „Tasting Table“. Овој тренд сега повторно е актуелен бидејќи започна сезоната на лубениците.

Тренд што ги подели социјалните мрежи

Необичната, пикантна комбинација се појави како контроверзен тренд на ТикТок, а реакциите, најблаго кажано, се поделени. Речиси 50 милиони прегледи на видеата со ознаката #watermelonmustard сведочат дека многумина се осмелуваат да пробаат што ќе се случи кога киселкавиот сенф ќе се спои со слатката и сочна лубеница.

Сè започнало со виралното видео на корисникот Јанг Јух, кој порачал:


„Лубеница и жолт сенф. Верувајте ми на збор. Толку е вкусно“.

Во една тема на „Редит“, на прашањето „Дали сè уште некој става сенф на лубеница?“, коментарите се движат од „Реакција во еден збор: „одвратно“ до „Толку е вкусно“. Според некои љубители на оваа комбинација, клучот за успехот лежи во умереноста.

„Всушност е прилично вкусно, но само со малку сенф“, напишал еден корисник. Друг додал: „Го пробав ова еднаш и според мене не е ниту лошо ниту добро“.

Дали сето ова е само шега и како да ја испробате комбинацијата?

На крајот, вреди да се спомене дека целата приказна можеби е само шега. Живописниот визуелен контраст меѓу розовите парчиња лубеница премачкани со светложолт сенф создава впечатлива слика што поттикнува ангажман на социјалните мрежи.


Вообичаено, жолтиот сенф содржи оцет, семки од синап, сол, куркума, пиперка и лук во прав. Со малку фантазија, таквиот профил на вкусови би можел добро да се комбинира со лубеницата, особено заедно со други, потрадиционални солени додатоци.

За оние кои сакаат да испробаат поблага варијанта, се предлага врз посолена лубеница испечена на скара да се прелее малку сенф. Печењето ѝ дава на лубеницата чадена нота и карамелизиран вкус, кои би можеле подобро да се вклопат со пикантниот зачин.