Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ се огласи за спорот со Бугарија и потенцира дека нема преговори кога станува збор за македонскиот идентитет, по повод 36-годишнината од основањето на партијата. Тој ја критикува сегашната опозиција за создавање проблеми на патот кон Европската Унија и бара силна поддршка во Брисел за зачувување на македонската култура и традиција.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа од Струмица по повод 36. роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува во градскиот стадион под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, зборуваше и за актуелната политичка ситуација во Македонија и за спорот со источниот сосед, Бугарија. Посочи дека до овој проблем сме дошле поради сегашната опозиција, која, како што рече, сега се наоѓа на политичката маргина каде уште долго ќе останат, која додека била на власт коленичејќи пред бриселските бирократи потпишувала бел лист хартија мислејќи дека тоа ќе им донесе победа на изборите во 2024 година.
Голем проблем
„Но создадоа голем проблем, создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа. И да не беше тој проблем со реформите, политиките коишто ги испорачува оваа Влада, веќе ќе чукавме и ќе тропавме на портите на Европа.
Но, пред нас имаме договор кој не обврзува на нешто коешто никој од нас не помислува да го направи. Тој договор ќе нè потсетува вечно на тој бел лист хартија којашто претходната влада го потпиша, мислејќи дека на тој начин ќе остане во владата и ќе ја добие милоста од тие коишто не гласаат, туку во суштина бира и казнува народ. А, народот нив ги казни и ги прати во опозиција“, порача Мицкоски.
Порака до Брисел
Но, додаде тој, сакам јасно и гласно од овде, на овој 36-ти роденден на ВМРО-ДПМНЕ да испратиме една силна порака којашто ќе допре до секој еден во европската престолнина, во Брисел, дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму, на масата во Брисел со нив како полноправна членка на Европската Унија.
„Но, драги браќа и сестри тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација којашто претходната најкорумпирана во историјата, македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право да регистрираат, конечно, своја институција под којашта ќе можат културно да се организираат“, порача Мицкоски.
Црвена линија
Тој повика сите гласно да испратат порака до тие што ни велат дека ова е последното барање и последниот услов за продолжување на евроинтегративниот пат да донесат заклучок дека нема повеќе билатерални, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик и дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема.
„Нема цена, нема слава, нема моќ којашто може да ме убеди дека без овие работи ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат, гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше“, рече Мицкоски.











