Премиера на новата претстава Интервју на сцената на Турски театар

Макфакс

18/06/2026

16:00

162

Големина на фонт

а а а

Премиерата на новата претстава Интервју на Турски театар ќе понуди современа психологска драма која ги обработува темите за моќ, манипулација и цената на успехот во современото општество.

На 19 јуни (петок), со почеток во 20:00 часот, на сцената на Турски театар ќе се одржи премиерата на претставата „Интервју“, по текст на Онур Озџан, во режија на Александра Кардалевска.

Во претставата играат Хакан Даци, Џенап Самет, Слаѓана Вујошевиќ и Јеткин Сезаир, додека сценографијата и костимографијата се дело на Онур Озџан.

„Интервју“ е современа психолошка драма која низ навидум обично интервју за вработување постепено отвора прашања за моќта, манипулацијата, амбицијата и цената што луѓето се подготвени да ја платат за успех. Она што започнува како формална процедура, се претвора во напната игра на откривање, во која границите меѓу вистината и конструкцијата, меѓу професионалниот и личниот идентитет, стануваат сѐ понејасни.

Претставата навлегува во светот на современиот човек, опседнат со позиции и признанија, поставувајќи го прашањето колку далеку сме подготвени да одиме за да го добиеме она што го посакуваме. Во атмосфера исполнета со неизвесност и психолошка тензија, ликовите се соочуваат со сопствените стравови, компромиси и морални граници.

„Интервју“ остава талог на вознемиреност токму затоа што не зборува само за еден процес на селекција, туку за општество во кое успехот станува основна мерка за вредноста на човекот. Претставата ја разоткрива кревкоста на идентитетот и леснотијата со која поединецот може да се изгуби во потрагата по признание, статус и моќ.

Со оваа премиера, Турски театар на публиката ѝ нуди современо и возбудливо театарско искуство кое отвора важни прашања за времето во кое живееме и механизмите што ги обликуваат нашите избори.

Премиера: 19 јуни 2026 година

Време: 20:00 часот

Место: Турски театар