Францускиот претседател Емануел Макрон изрази претпазливост околу договорот меѓу Иран и САД за прекин на конфликтот на Блискиот Исток и подвлече дека војната не е целосно завршена, истакнувајќи важност од дијалог и соработка.
Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше претпазливо на договорот меѓу Иран и САД за прекин на војната на Блискиот Исток, велејќи дека не е сигурен дека војната е „целосно завршена“.
„Секогаш е подобро да се има договор отколку војна, особено кога постои ризик од ескалација“, рече францускиот претседател, зборувајќи на Франс 2 за самитот на Г7 што го водеше од понеделник до среда во Евиан-ле-Бен.
„Влегуваме во нова фаза, фаза на соработка и дијалог, што е подобро од војна“, додаде тој. Сепак, шефот на државата изрази и сомнежи. „Не верувам дека можеме да кажеме дека (војната) е целосно завршена“, рече тој.
Како и во Евиан, Емануел Макрон ја повтори подготвеноста на Франција да работи, заедно со други земји како што е Обединетото Кралство, за враќање на поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец.
Во еден многу неочекуван потег, американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша договорот со Иран додека беше во Версај во среда вечерта, каде што Емануел Макрон го покани на вечера по самитот на Г7. Францускиот претседател изјави дека одлуката на американскиот претседател да го потпише договорот „била сосема спонтана“.
Што се однесува на либанската страна во конфликтот, Макрон го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да „покаже чувство на одговорност и рационалност“, тврдејќи дека офанзивата против проиранскиот Хезболах во јужен Либан е „против интересите на Израел на долг рок“.
„Хезболах е ризик за Израел, тоа е апсолутно точно“, но безбедноста на таа земја „не може да се гарантира со освојување на соседна територија“, рече тој, нагласувајќи дека политиките на Нетанјаху, и во Либан и во Газа и Западниот Брег, „поттикнуваат негодување и насилство меѓу населението во регионот“.











