Одржана јавна расправа по Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри

Макфакс

19/06/2026

15:20

195

Големина на фонт

а а а

На 68-мата седница на Комисијата за финансирање и буџет се одржа јавна расправа за Предлогот на закон за игрите на среќа и забавните игри, каде се дискутираа целите, законските решенија и предизвиците поврзани со донесувањето и примената на законот.

На денешната, 68-ма седница на Комисијата за финансирање и буџет се одржа – „Јавна расправа по Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри“.

Седницата ја отвори претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, пратеничката Сања Лукаревска, која ги информираше присутните за начинот на работа и текот на јавната расправа. Таа упати поздрав до сите учесници и им се заблагодари на претставниците на надлежните институции, засегнати страни, експерти од областа, асоцијации, здруженија на граѓани за нивното присуство и учество во расправата. По воведното обраќање, претседателката на Комисијата ѝ даде збор на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која го образложи Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри.

Министерката, во своето обраќање ги образложи целите на донесувањето и примената на овој закон, кои се изразени преку потребата од спречување на сивата економија во областа на игрите на среќа со стекнување на сигурност и доверба кај учесниците во игрите на среќа и нивна заштита (пред се на младата популација), заштита на приредувачите особено од нелојалната конкуренција, легализација и контрола на паричните текови во оваа област и остварувањето на интересот на државата.

Со Предлогот на закон се врши прецизно дефинирање на игрите на среќа и забавните игри, класификација на игрите на среќа, пропишување на специфичностите на управната постапка за издавање и одземање на правото на приредување на игрите на среќа и забавните игри, контролата врз приредувањето, прекршочните одредби, како и одредување на намената на приходите остварени од приредувањето на игрите на среќа и забавните игри.

По образложението на Законот од страна на министерката се отвори широка и конструктивна дебата, во која присутната јавност детално ги искажа своите мислења, ставови, забелешки и сугестии во однос на предложените законски решенија. Учесниците активно се вклучија во дискусијата, при што беа разгледани различни аспекти од примената на Законот, неговите очекувани ефекти и можните предизвици при имплементацијата.

По исцрпувањето на листата на пријавени за збор, претседателката Лукаревска им се заблагодари на присутните за активното учество и плодната дискусија по предложеното законско решение. Таа истакна дека во натамошната собраниска постапка ќе бидат поднесени соодветни амандмани, со цел унапредување на текстот на законот и обезбедување поквалитетно и поефикасно законско решение во интерес на граѓаните.