Поради мировните преговори меѓу САД и Иран во Цирих, воведени се вонредни безбедносни мерки кои предизвикаа технички проблеми во контролата на летање и резултираа со откажани и одложени летови на аеродромот во Цирих.
Технички проблем во контролата на летање, предизвикан од вонредните безбедносни мерки за мировните преговори меѓу САД и Иран, денеска предизвика колапс во авиосообраќајот на аеродромот во Цирих. Швајцарските воздухопловни власти соопштија дека дефектот во меѓувреме е отстранет, но доцнењата сè уште траат.
Безбедносна зона воведена во последен момент
Според официјалното соопштение на швајцарската контрола на летање „Скајгајд“, дефектот настанал во воздушниот простор над Бургеншток – планинското одморалиште каде што се одржуваат преговорите. Проблемот се појавил при обидот за итно интегрирање на ограничената зона на летање во системот за радарски приказ.
Одлуката за воведување на оваа рестриктивна зона била донесена во последен момент, со оглед на тоа што и самите протоколи за одржување на овој круг од преговорите беа финализирани дури вчера. Од „Скајгад“ нагласуваат дека системите сега функционираат непречено и дека безбедноста на патниците во ниту еден момент не била загрозена.
Откажани десетици летови на аеродромот во Цирих
И покрај брзата интервенција, техничкиот прекин остави сериозни последици врз редовниот авиосообраќај.
Портпаролката на аеродромот во Цирих за агенцијата Ројтерс потврди дека до пладне се регистрирани следните пореметувања:
– 12 откажани пристигнувања
– 14 откажани полетувања
– Над 60 летови кои се соочуваат со големи доцнења.







