[ФОТО] „Засрами се Европа, достоинството не смее да зависи од пасошот“: Докторка од Скопје со критика за долгите чекања на границите

Точка

22/06/2026

15:44

1.791

Големина на фонт

а а а

Повеќечасовните задржувања на граничните премини кон земјите од Европската Унија повторно ги отворија прашањата за третманот на патниците кои доаѓаат од држави што не се дел од Унијата.

Прим. спец. д-р Маја Кирјас, оториноларинголошки хирург на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје, преку објава на социјалните мрежи изрази незадоволство од условите со кои се соочуваат граѓаните при преминување на европските граници.

Во својата реакција таа оцени дека долгите чекања и различниот третман на патниците се косат со принципите за еднаквост и почитување на човековите права кои со години се промовираат во Европа.

„Со години слушаме за човекови права, достоинство и еднаквост, а во пракса се забораваат најосновните права на човекот“, наведува Кирјас.

Таа предупредува дека кај многумина се создава чувство на поделба меѓу граѓани од земји членки на Европската Унија и оние кои доаѓаат од држави надвор од неа.

Според неа, не смее да постои разлика во односот кон луѓето врз основа на нивното државјанство или документите што ги поседуваат.

Во објавата посебно внимание посветува на семејствата со мали деца, постарите лица и домашните миленици кои, како што наведува, често со часови остануваат во колони изложени на високи температури и замор.

„Мајки со бебиња, деца, стари лица и домашни миленици чекаат со часови, понекогаш и со денови, во услови кои не се достоинствени за никого“, посочува таа.

Кирјас нагласува дека човековото достоинство е универзална вредност и не треба да биде поврзано со националноста или видот на пасошот што некој го поседува.

Нејзината објава предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, каде граѓани од регионот споделија сопствени искуства со долгите чекања на граничните премини, особено во периодот на летните одмори.