Големо предавство од европските десничари, му го вртат грбот на Трамп: „Тој им создава проблеми на лидерите“

Точка

24/06/2026

21:14

742

Големина на фонт

а а а

До неодамна, блискоста со американскиот претседател Доналд Трамп беше голема политичка предност за лидерите на европската популистичка и крајна десница.

Сега ситуацијата драматично се промени. Во пресрет на големите избори во 2027 година во Италија, Франција, Германија и Полска, многу десничарски лидери почнуваат јавно да се дистанцираат од Трамп, сметајќи дека неговата поддршка им носи повеќе штета отколку корист.


Угледот на Трамп во Европа е сериозно нарушен поради царинските војни, заканите кон Гренланд и војната против Иран, која доведе до раст на цените на енергијата. Најдобар пример е италијанската премиерка Џорџа Мелони, која до неодамна се сметаше за најважната сојузничка на Трамп во Европа. Откако Трамп на социјалните мрежи објави дека Мелони го „молела“ за заедничка фотографија на самитот на Г7 и тврдеше дека „лошо ѝ оди“ во Италија, премиерката остро му одговори.

„Тоа што сум ти пријателка сигурно не ми помогна“, порача Мелони, додавајќи: „Во секој случај, мојата популарност не треба да те загрижува. Ти предлагам да се фокусираш на својата“.


Сличен став има и Жордан Бардела, лидерот на францускиот Национален собир и фаворит за претседателските избори. Во интервју за „Политико“, тој ја отфрли поддршката од Трамп, опишувајќи го американскиот претседател како „непредвидлив“.

Според истражувањата на јавното мислење, популарноста на Трамп меѓу десничарските гласачи опаѓа. Анкетата на организацијата „Кластер 17“, спроведена во јануари во седум земји членки на ЕУ, покажа дека само мал дел од нив го сметаат за „пријател на Европа“ – 18 отсто од гласачите на Националниот собир на Бардела, 2 3отсто од поддржувачите на партијата „Браќа на Италија“ на Мелони и 25 отсто од гласачите на германската Алтернатива за Германија (АфД).


Анкетата на „Политико“ од јуни покажа уште послаби резултати: само 31 отсто од гласачите на АфД и 36 отсто од гласачите на Националниот собир ги сметаат САД за „сигурен сојузник“.

Политичкиот аналитичар Жан-Ив Дормаген, претседател на институтот „Кластер 17“, истакнал дека Трамп станал „отровен подарок“ за европските десничари.

„Трамп навистина им создава проблем на овие лидери“, нагласил Дормаген. Иако нивните гласачи се поделени, сè повеќе го гледаат како политичка закана, особено умерените и неопределените гласачи.

Во Германија, војната во Иран дополнително ја влоши ситуацијата за АфД, чии лидери уште оваа пролет ги советуваа партиските функционери да ги намалат патувањата во САД во пресрет на важните регионални избори.


Во Велика Британија, Трамп стана товар за Најџел Фараж и неговата Реформска партија особено меѓу неопределените гласачи од десниот центар.

Сепак, не се дистанцираат сите. Полската партија Право и правда (ПиС) и натаму одржува блиски врски со Трамп. Претседателот Карол Навроцки, кој ја има поддршката од ПиС, ги користи тие врски во борбата против премиерот Доналд Туск.

Партијата ја истакнува важноста на американското воено присуство во Полска, а Јарослав Качињски неодамна ги пофали „одличните односи“ со Трамп. Според анкетите, Полјаците и натаму имаат најпозитивен став кон Трамп меѓу опфатените земји од ЕУ – 17 отсто го сметаат за „пријател на Европа“.

Промената е особено забележлива бидејќи Белата куќа во својата Национална стратегија за безбедност го пофалува „растечкото влијание на патриотските европски партии“ и активно ги поддржува – од јавни пофалби до посети, како онаа на потпретседателот Џеј Ди Венс кај Виктор Орбан во Унгарија.

Меѓутоа, по изборниот пораз на Орбан и сè поголемите проблеми на европската десница, многу лидери ја преиспитуваат таа поврзаност. Она што некогаш беше предност, сега станува ризик во пресрет на клучните избори во 2027 година.