Полицијата во Пакистан го уапси мажот кој ја држел сопругата и децата 12 години во заробеништво, со физичко и психичко злоставување. Француската државјанка и нејзините деца се спасени и планираат враќање во Франција.
Полицијата во Пакистан уапси маж за кој постои сомневање дека ги држел сопругата и децата во заробеништво во семејниот дом повеќе од една деценија и ги злоставувал, пишува BBC.
Неговата сопруга, француската државјанка Силви Јасмина, тврди дека мажот физички и психички ги злоставувал членовите на семејството секојдневно и го опишала како „многу насилен“, објавува BBC, повикувајќи се на локалната полиција.
Еден од нивните синови успеал да се искраде од куќата и да го пријави случајот во полицијата, што довело до претрес на нивниот дом во Бара, оддалечен град во планинската покраина Хајбер Пахтунхва.
Полициските службеници ги пронашле Јасмина и нејзините пет деца во тесна и „екстремно запоставена соба“, со модринки по целото тело.
Јасмина и нејзините деца биле префрлени во засолниште за жени во Пешавар. Според полицијата, тие планираат да се вратат во Франција.
Според 54-годишната Јасмина, нејзиниот сопруг „практично го држел семејството во заробеништво“ откако се преселиле од Австралија во Пакистан во 2014 година.
„Според жената, не ѝ било дозволено да се сретне со никого. Нивните две постари деца го напуштиле училиштето, додека трите помлади се родени во Пакистан и никогаш не биле запишани на училиште“, изјавил висок полициски службеник за BBC Urdu.
Властите не го објавиле идентитетот на сопругот на Јасмина, пакистански државјанин за кој тврдат дека „нелегално престојувал“ во Австралија во времето кога се запознале.
Двојката се венчала во 2003 година и живеела во Австралија до 2014 година, кога се преселиле во Пакистан со своите две постари деца. Јасмина тврди дека оттогаш немала никаков контакт со надворешниот свет.
„Бевме лишени од слобода. Мојот сопруг не се грижеше за нас на начин на кој еден сопруг и татко на моите деца треба да се грижи за нас. Нè тепаше секој ден и ни се закануваше со живот“, напиша Јасмина во изјава до полицијата, чии делови беа објавени од локалните медиуми.
„Чувствував дека мојата иднина е веќе уништена и дека иднината на моите деца исто така ќе биде уништена.“











