„Би сакал да верувам дека е пак “рекла казала” од ʼ90 -ти, кога имаше сида во Русија, па само да се појавиш од нигде никаде на МТВ“: Дарко Лешоски со емотивна објава се збогуваше од Владо Јаневски

Точка

29/06/2026

10:26

4.371

Големина на фонт

а а а

Недела. Дома во станот и расипана клима, гледав само да успеам да земам воздух и да ги преживеам некако овие налудничави скопски горештини. Не кревав на телефон, сè некако се одвиваше во „slow-motion“, несвојствено за моето животно темпо.

Некаде после 19 часот, заѕвони мајка ми. Игнорирањето на нејзините повици е само една обична грешка во чекори (ме разбирате), па ѝ кренав. Ако нешто научив од таа жена, што сè уште не умеам да го применам, е директноста. Што и да се случи, ко „гром од ведро небо“ излегува од нејзината уста, без воопшто да те подготви за она што следува.

- Кажи, мамо.

Умрел Владо Јаневски.

Тишина.


Зборовите ми одѕвонуваа во уши, но информацијата некако не сакав да ја прифатам. Со таа една реченица, започнаа да ми се вртат флешови во глава, од најраното детство кога таа ме запозна со неговата музика, преку првиот концерт во летното „Колосеум“, па сè до сите мои „тажни љубови“ преболувани со „Што и да е ќе помине“ и „Евергрин“ пуштени на најсилно во детската соба.

Замина еден дел од моето детство, од мојата младост. Замина тивко, нечујно и кришум – онака како што и живееше. И заплакав, како да ми е некој близок... необјасниво чувство, крај на една ера.

Како и да е, скролајќи низ медиумите и читајќи кој сè се збогувал од овој човек, кого некои го обожуваа, некои, пак, го сметаа за „лигав“ и здодевен – несомнено никој не го игнорираше, налетав на објавата на Дарко Лешоски. Поетот, на свој својствен начин, како што само тој умее да си поигрува со зборовите – напишал и едно збогум до најголемиот поет меѓу нашите музичари.

Во продолжение прочитајте ја целата негова објава.

„Би сакал да верувам дека е пак “рекла казала” од ʼ90 -ти, кога имаше сида во Русија, па само да се појавиш од нигде никаде на МТВ како промовираш нов албум. 

Па па после рекла казала - се излечил бе, друго нешто само било. Па после пак да исчезнеш. И пак да се појавиш. 

Ниеден македонски музичар не бил присутен во мојот живот секојдневно како тебе од наједноставна причина : на татко ми скоро дваес години му ѕвони телефонот со воведот од твојата “Евергрин”. 

Твоите липи ко плин и твојот Џубокс се дел и од мојот живот. Како и на илјадници. 

А од такво наследство - нема ништо поскапо… Ништо!

И за последно, би сакал таму горе исто како јас кога сум велел на секој нов телефон од татко ми додека ме тера да му ја наместам “за ѕвонење” : “Је*** те Владо те *** како не ти здосади - не може, стварно на овој телефон не може!”

Таму горе да речат за најубавото место за тебе - како татко ми во тие моменти мене: “Може! може! ајде ајде!”

За мене е оваа секогаш ќе е една од најфраерските текстови и спотови. 

Почивај во мир!“.