Што јадат луѓето за кои температурите над 40 степени се нормална појава?

Точка

01/07/2026

10:35

357

Големина на фонт

а а а

Додека ние во текот на изминатите денови се мачевме со високите температури, луѓето од одредени делови од светот одамна се привикнале на вакви временски услови. Во градовите како Кувајт Сити, Басра или Џејкобабад летните температури од 45 па дури и 50 степени не се реткост, а еве како ја приспособиле секојдневната исхрана.

Интересно е што луѓето кои живеат во вакви климатски услови не одбираат „тешки“ јадења ниту ледени десерти. Наместо тоа, се свртуваат кон намирници кои му помагаат на организмот да се бори со топлината, ја одржуваат хидратацијата и не ја оптоваруваат дигестијата.

Многу вода, но и храна богата со течности

Кога температурите ќе станат екстремно високи, не е доволно само да се консумира повеќе вода. Важно е да се внесува и храна која природно содржи големо количество течност.


Лубеница, диња, праска, портокал и грозје се чест избор во најтоплите краишта од светот, како и краставиците, доматите и марулата. Овие намирници содржат повеќе од 90% вода, а истовремено на организмот му обезбедуваат витамини и минерали што ги губи со потењето.

Јогуртот – еден од најдобрите сојузници

Во земјите од Блискиот истој, Турција, Индија и Пакистан летото е речиси незамисливо без ферментирани млечни производи.


Популарните напитоци како ајран или ласи се подготвуваат од јогурт, вода и зачини а освен што освежуваат помагаат во надоместувањето на електролитите и поттикнуваат подобра дигестија. Токму затоа многумина ги сметаат за најдобри напитоци за време на големи жештини.

Помалку месо, повеќе мешунки и риба

Тешките мрсни јадења не се чест избор кога температурите надминуваат 40 степени. Наместо нив, на трпезата почесто се среќаваат наут, грав и други лесно но хранливи растителни намирници. Доколку се решат за место, тоа најчесто се пилешко месо или риба кои полесно се варат во организмот од мрсното црвено месо.

Пикантната храна всушност може да помогне

На прв поглед звучи нелогично, но токму земјите со топла клима се познати по изразито зачинетите јадења.


Чили и другите пикантни зачини го поттикнуваат потењето, природниот механизам со кој телото ја намалува температурата. Затоа пикантните јадења се составен дел од индиската, мексиканската и кујната на бројни арапски земји.

Не ги одбегнуваат ниту топлите супи

Многумина за време на топлотните бранови посегнуваат по ладни јадења, но жителите на најтоплите делови од светот често консумираат и лесни супи или чорби.

Топлата храна може дополнително да го поттикне потењето, што на организмот му го олеснува природното разладување. Токму затоа супите честопати се дел од нивната летна исхрана.

Свежите зачински билки имаат важна улога

Нането, коријандерот, босилекот и магдоносот не се само додаток на јадењата. Освен што го збогатуваат вкусот, тие даваат чувство на свежина и ги прават оброците полесни.


Во многу медитерански и блискоисточни кујни токму изобилството на свежи зачински билки ги прави летните јадења особено освежителни.

Што избегнуваат кога температурите стануваат екстремни?

Жителите на најтоплите делови од светот најчесто избегнуваат неколку навики што многумина ги имаат токму за време на топлотни бранови:

❌обилни и мрсни оброци во текот на денот

❌големи количини алкохол, кој дополнително ja поттикнува дехидратацијата

❌премногу шеќер во пијалаците

❌големи количини пржена храна.

Наместо тоа, јадат помали оброци распоредени во текот на денот, а главниот оброк често го оставаат за вечерта, кога сонцето ќе зајде и температурите стануваат поподносливи.