Јапонската тениска ѕвезда Наоми Осака ја воодушеви публиката на отворањето на Вимблдон, појавувајќи се во раскошен бел фустан инспириран од кимоно, со што успешно ги спои строгите правила на турнирот со своето културно наследство.
Појавувањето на 28-годишната Осака на теренот беше еден од најочекуваните моменти на отворањето на овогодишниот Вимблдон, проследено со извици на воодушевување од илјадници посетители кои со часови чекаа во легендарните редици.
Победничката на гренд слем турнири успеала своето излегување да го претвори во вистинска церемонија, носејќи долг фустан со карнери кој целосно го испочитувал правилото за исклучиво бела облека и покрај сомневањата во тоа како нејзиниот смел стил ќе се вклопи во традицијата на Ол Ингланд клубот.
Инспирација од филмските класици и традицијата
Дизајнот на фустанот, создаден во соработка со дизајнерката Хана Јаги од Токио, вклучувал извезени мотиви на жерави и цветови од цреша, како и традиционален украс за коса „канзаши“.

„Размислувам за моите култури, за моето наследство, кое е јапонско и хаитско“, истакнала тенисерката. „Потоа, ако навлезам подлабоко во јапонската култура, размислувам за најкултната силуета, а за мене тоа е кимоното. Не мора да ја видите бојата на кимоното за да знаете дека е кимоно“, додала Осака.

Таа открила дека инспирација ѝ била актерката Луси Лиу од филмот „Убиј го Бил“, чиј лик во бело кимоно ја фасцинирал со години. „Тоа е мојата интерпретација на тој стил, со која ја изразувам љубовта и почитта кон Јапонија“, нагласила тенисерката.
Одржливост и симболика
Фустанот се состоел од седум различни видови рециклиран текстил, вклучувајќи делови од винтиџ кимоно и традиционална венчаница „широмуку“.

Под церемонијалната наметка, која Осака ја соблекла пред самиот меч, носела тениски фустан со 3Д цветни мотиви инспирирани од јапонската уметност на сечење хартија „киригами“.












