Епидемија на салмонела во 14 земји поради инстант тестенини

Макфакс

02/07/2026

14:10

214

Големина на фонт

а а а

Европската агенција за безбедност на храната и здравствените власти пријавија епидемија на салмонела поврзана со инстант тестенини во 14 европски земји, со случаи претежно кај деца и млади, истакнувајќи ја поврзаноста со производител од Украина и преземање мерки за повлекување на производите.

Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) и здравствените власти денес објавија дека епидемија на инфекција со салмонела поврзана со ароматизирани инстант тестенини е регистрирана во неколку европски земји, со 106 потврдени случаи, претежно кај деца и млади луѓе.

Случаите за прв пат беа пријавени во ноември, а најмалку 49 лица беа хоспитализирани, соопштија EFSA и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) во одделни изјави.

Агенциите соопштија дека „производите со ароматизирани тестенини се најверојатен извор на епидемии на инфекција во неколку земји“, со докази што ги поврзуваат случаите со производи од истата марка.

Иако не е именуван конкретен дистрибутер, се вели дека случаите на инфекција со сојот на салмонела Stanley се поврзани со производител во Украина.

Компанијата „Reva Foods“ објави дека во една серија од нејзините инстант тестенини наменети за балтичкиот пазар, произведена од украинскиот производител „Juro Food Service“, е забележано „наводно откривање“ на Salmonella Stanley.

Компанијата соопшти дека започнала внатрешна истрага и ги повлекла спорните серии на производи, како и дека преземала дополнителни мерки, вклучувајќи лабораториски тестови, регулаторни проверки и зголемен надзор.

„Безбедноста на нашите потрошувачи е наш приоритет“, објави компанијата, додавајќи дека соработува со надлежните институции.

Европските власти соопштија дека случаи се пријавени во Австрија, Велика Британија, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска и Шведска.

Според микробиолошките анализи, епидемискиот сој е откриен во Германија и Литванија во пилешко и производи со тестенини со вкус на зачинето пилешко.

Според агенцијата, истрагата е во тек.

Симптомите на инфекција со салмонела вклучуваат дијареја, треска, повраќање, дехидратација и грчеви во стомакот.