[ВИДЕО] Силно невреме во Скопје – ветер, дожд и град ја погодија метрополата, Ѓорѓиевски најави итни интервенции

Точка

01/07/2026

16:08

8.770

Големина на фонт

а а а

Силен дожд, проследен со ветер и град попладнево го погодија Скопје.

Речиси во сите делови од метрополата има невреме, а улиците за краток период се наполнија со вода.

Ваквото време го најави претходно Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), која соопшти дека попладнево ќе има појава на нестабилност во Скопје.

„Попладне ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со појава на град“,кажаа од УХМР.

Според синоптичарите, утре и во петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и грмежи.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека по силното невреме кое денеска го зафати главниот град, Кризниот штаб, заедно со екипите на јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен.

Тој посочи дека градските служби се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции, со цел навремено да се реагира при евентуални поплави, штети или други последици од невремето.

Според Ѓорѓиевски, сите расположливи капацитети се ставени во функција, а екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.

Воедно, тој упати апел до граѓаните да бидат внимателни, смирени и да соработуваат со надлежните служби, нагласувајќи дека, иако невремето не може да се спречи, со навремена и организирана реакција може да се намалат неговите последици.