Многумина се сеќаваат на советите од своите родители, баби или дедовци редовно да земаат витамини, а таа препорака е актуелна и денес. Витамините учествуваат во бројни процеси важни за здравјето на срцето, а нивниот недостаток со текот на времето може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок, покачен холестерол, нарушувања на срцевиот ритам и срцева слабост. Кардиологот Кристина С. Ројс откри кој е единствениот додаток во исхраната што и самата го зема.
Иако нагласува дека правилната исхрана е темелот на здравото срце, д-р Ројс вели дека секојдневно зема омега-3 масни киселини.
„За здравјето на срцето, верувам во земањето омега-3 полинезаситени масни киселини (PUFA)“, изјавила таа за „Parade“.
Таа објаснила дека по преминувањето на претежно растителна исхрана, потешко наоѓала риба од одржливи извори, поради што почнала да зема омега-3 како додаток во исхраната.

Исхраната сепак е на прво место
Кардиологот нагласува дека додатоците во исхраната не можат да ја заменат разновидната исхрана и дека храната и понатаму е најдобриот извор на хранливи материи. Според неа, најголемиот дел од витамините и минералите треба да доаѓаат од зеленчук, овошје, јаткасти плодови, мешунки, интегрални житарки и здрави извори на протеини.
Таа додава дека истражувањата покажуваат оти омега-3 масните киселини можат да го намалат ризикот од кардиоваскуларни компликации, но потенцира дека ниту еден додаток сам по себе не може да го заштити здравјето на срцето.

Најдобар природен извор на омега-3 масни киселини и понатаму е масната риба, како што е лососот, а добри извори се и чиа семето, лененото семе и јаткастите плодови. Доколку не е можно да се внесат доволни количини преку исхраната, д-р Ројс смета дека е разумно да се посегне по додатоци во исхраната. Сепак, таа им препорачува на бремените жени, лицата кои земаат лекови за разредување на крвта, како и на оние со одредени алергии, претходно да се консултираат со лекар.
При купување додатоци во исхраната, таа препорачува да се избираат помали пакувања и форма која ќе биде практична за редовно користење.

„Тоа што мислиме дека ни е потребен одреден витамин или хранлива материја, не значи дека навистина треба да ја земаме. Мојот пристап е да го надополнам само она што не сум успеала да го внесам во доволна мера преку исхраната“, заклучува д-р Ројс.








