Меси урна уште неколку рекорди на Светското првенство

Точка

04/07/2026

08:33

591

Големина на фонт

а а а

Зеленортските Острови ја завршија најубавата бајка на Светското првенство 2026, но само затоа што на спротивната страна стоеја светскиот шампион Аргентина и Лионел Меси. „Гаучосите“ се намачија дури по 120 минути да го скршат отпорот на Зеленортските Острови и да слават со 3:2, а притоа Лионел Меси урна уште неколку рекорди на Мундијалите.

Аргентинецот го постигна својот 20. гол на Светските првенства, а запиша и рекордна деветта асистенција, со што го потисна Диего Армандо Марадона на второто место, кој остана на осум. Тој стана и првиот фудбалер кој постигнувал голови на осум последователни натпревари на Светските првенства, а дури 14-ти пат на 30 одиграни натпревари беше прогласен за играч на натпреварот. Ако некогаш му се забележуваше нешто на настапите на Мундијалите, на последните две Светски првенства направи нешто што никој претходно не успеал.

По натпреварот, Меси му пријде на секој фудбалер на Зеленортските Острови, им честиташе за одличниот натпревар, а во микс-зоната се фотографираше со сите за нивен спомен.

„Искрено, однапред знаевме дека натпреварот ќе биде исклучително тежок. Не е случајно што оваа репрезентација не загуби од Шпанија или Уругвај. Успеавме да го направиме најтешкиот дел со постигнувањето на првиот гол и мислевме дека тоа ќе ни помогне да го наметнеме нашиот стил на игра и да играме посмирено, но се случи токму спротивното. Во одредени периоди го губевме поседот, се повлекувавме и не успеавме да извршиме доволен притисок, а тие ги искористија своите најсилни страни и постигнаа гол. Знаевме дека задачата ќе биде комплицирана“, изјави Меси по натпреварот.

Во текот на натпреварот можеше да се забележи дека Меси постојано ги предупредуваше своите соиграчи.

„Ова се елиминациски натпревари и никој ништо не ви подарува. Некој можеби ќе ги потцени репрезентациите поради нивното име, но ние знаевме дека нема да биде воопшто лесен натпревар. Токму тоа го прави ова Светско првенство посебно – сè е толку изедначено и секој натпревар е исклучително тежок. Вложивме огромен труд, како и секогаш, без разлика дали игравме добро или не го покажавме нашето најдобро издание. Сега најважно е да се одмориме, да размислуваме за следниот натпревар и да се обидеме да ги извлечеме позитивните работи од денешниот дуел“, додаде аргентинскиот капитен.

Лионел Меси, вистинска легенда на фудбалот и еден од најголемите играчи што некогаш зачекориле на зелениот терен, не запира. Тој продолжува кон одбраната на светската титула, а следниот предизвик ќе биде Мохамед Салах и „Фараоните“ од Египет.