Автомобилот што може да вози и наопаку, а до 96 км/ч забрзува за само 1,55 секунди, официјално влегува во производство. Сепак, неговата цена не е за сечиј џеб.
На пазарот на суперавтомобили, во последните години не недостигаат амбициозни проекти кои ветуваат рекордни перформанси, но малкумина навистина стигнуваат до сериско производство. Еден од ретките исклучоци е „McMurtry Spéirling PURE“, електричен хиперавтомобил кој официјално влезе во производство.
Станува збор за едносед кој развива околу 1.000 коњски сили, а до 96 км/ч забрзува за само 1,55 секунди. Но, она што го прави навистина посебен е уникатниот систем со вентилатори, благодарение на кој буквално може да вози и наопаку.
Автомобил што урива рекорди
„Spéirling PURE“ го привлече светското внимание откако постави рекорд на познатата ридска трка „Goodwood Festival of Speed“, која ја заврши за само 39,08 секунди.
Потоа продолжи да реди импресивни резултати. Стана првиот автомобил во светот што возел наопаку, го урна долгогодишниот рекорд на патеката „Top Gear Test Track“, надминувајќи дури и болид на Формула 1, а на германската патека Хокенхајм беше 14,1 секунда побрз од „Mercedes-AMG One“.
Серискиот „Spéirling PURE“ е опремен со нова батерија со капацитет од 100 kWh, која напојува два електромотори поставени на задната оска. Системот развива 746 kW, односно нешто повеќе од 1.000 коњски сили, што е доволно за забрзување до 96 км/ч за само 1,55 секунди, додека максималната брзина изнесува 306 км/ч.
Посебноста на автомобилот е патентираниот систем „Downforce-on-Demand“, кој со помош на моќни вентилатори создава дури 2.000 килограми потисна сила, дури и кога автомобилот мирува. Благодарение на тоа, автомобилот може да постигне оптоварување од дури 3 G при свиоци и сопирање.
Токму овој систем овозможи и демонстрација на возење наопаку, по што „Spéirling“ стана познат ширум светот.

Хиперавтомобил што не е комплициран за одржување
Од „McMurtry“ истакнуваат дека „Spéirling PURE“ не е замислен како автомобил за кој при секое излегување на патека е потребен цел тркачки тим.
Директорот на компанијата, Томас Јејтс, за „Autocar“ изјави дека автомобилот нуди перформанси споредливи со болид на Формула 1, но дека искуството од неговото поседување повеќе наликува на она што го нуди „Porsche 911 GT3 RS“.
За да го постигнат тоа, сериската верзија добила поголема батерија, целосно нова карбонска монокок шасија, попространа кабина, подобра прегледност, интегрирано осветлување, полесен пристап за сервисирање, како и простор за складирање на кацига и HANS системот под задното крило.
Компанијата наведува дека дури 95 проценти од компонентите се нови во однос на прототипите што во изминатите години поставуваа рекорди.

Цена од речиси еден милион фунти
Секако, ваквите перформанси имаат и своја цена. „McMurtry Spéirling PURE“ чини 995.000 британски фунти пред даноци и дополнителна опрема, односно околу 1,15 милиони евра.
И покрај тоа, производителот наведува дека веќе се продадени 25 примероци, што го смета за голем успех во сегмент во кој многу амбициозни проекти никогаш не стигнуваат подалеку од компјутерски рендери и ветувања.













