Големиот корален гребен нема да биде впишан на листата на загрозени локалитети на светското наследство

Макфакс

04/07/2026

16:10

163

Големина на фонт

а а а

Австралија ја поздрави одлуката на УНЕСКО да не го вклучи Големиот корален гребен на листата на загрозени локалитети, нагласувајќи ги сопствените вложувања за заштита и управување на овој природен бисер, и покрај негативните влијанија од климатските промени.

Австралија ја поздрави нацрт-одлуката на УНЕСКО, со која Големиот корален гребен нема да биде впишан на листата на загрозени локалитети на светското наследство, и покрај последиците што климатските промени ги имаат врз овој природен бисер.

Австралиската заменик-министерка за туризам, Нита Грин, оцени дека ваквата одлука претставува признание за континуираните напори на земјата во заштитата и управувањето со Големиот корален гребен.

„Австралија ја поздравува одлуката на УНЕСКО да не го стави гребенот на листата на загрозени локалитети и да го препознае целиот вложен труд за негова заштита“, изјави Грин.

Во изминатите години научниците при Обединетите нации препорачуваа Големиот корален гребен да биде прогласен за загрозено светско наследство поради сериозното избелување на коралите, предизвикано од зголемената температура на морето.

Големиот корален гребен, кој се протега на околу 2.400 километри долж брегот на сојузната држава Квинсленд, е дом на повеќе од 400 видови корали и околу 1.500 видови риби. Од 2016 година досега таму се регистрирани пет епизоди на масовно избелување на коралите, при што тие стануваат значително поранливи и изложени на изумирање.

Австралиската влада со години лобираше гребенот да остане надвор од листата на загрозени локалитети, бидејќи тој е еден од најважните туристички симболи на земјата. Според официјалните податоци, годишно генерира повеќе од шест милијарди долари за австралиската економија и привлекува над два милиони посетители.