Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на Стојанче Јовановски, обвинет за навраќање на сопругата Ивана на самоубиство, со што ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје за неговата виновност и изречената казна затвор од 12 години.
Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на Стојанче Јовановски, кој беше првостепено осуден дека ја навел сопругата Ивана Јовановска на самоубиство.
Одлуката на Апелациониот суд Скопје
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека, постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-549/26, по одржана јавна седница на 18.6.2026 година, донесе пресуда со која ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Стојанче Јовановски од Скопје и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.551/26 од 7.5.2026 година“ соопшти Апелациониот суд.
Од Судот најавуваат дека ќе биде објавена целата одлука.

Трагичен настан
На 2 март Ивана Јовановска се фрли од 6. кат во скопската населба Тафталиџе, понесувајќи ја во смрт и 6-годишната ќерка Катја.
Пресудата
Кривичниот суд во мај го прогласи за виновен обвинетиот Стојанче Јовановски и му изрече максимална казна затвор во траење од 12 години за трите кривични дела поврзани со континуирано семејно насилство кое резултираше со трагична смрт на неговата сопруга и нивната малолетна ќерка.
Судот го осуди Јовановски за 3 кривични дела, односно, 5 години затвор за Телесна повреда, 3 години за Загрозување на сигурноста и 5 години затвор за Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Сите три дела се споени во вкупна затворска казна од 12 години.

Детали од пресудата
Според пресудата, на 2 март, во периодот од 11 до 12:20 часот, на повеќе локации, обвинетиот со умисла вршел семејно насилство и телесно ја повредил својата сопруга Ивана. Истиот ден, меѓу 12:45 и 13:35 часот, тој продолжил со насилството, сериозно ѝ се заканувал и ѝ предизвикал чувство на несигурност и страв.
Во судската постапка е утврдено дека во периодот од 2023 до 2026 година, на повеќе локации во Скопје, како и во нивниот дом, обвинетиот сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која се наоѓала во материјална зависност од него.
Ваквото континуирано насилство кај оштетената предизвикало тешка психичка вознемиреност и чувство на безизлезност. Како директна последица на тоа, таа извршила самоубиство, скокајќи од тераса заедно со нивната ќерка.












