Рената Младеновска истакна сериозен скандал околу бегството на наркодилерот Александар Лазаров од полициска станица во Кочани и упати критики кон министерот Панче Тошковски за пропусти во МВР, барајќи одговорност и итна истрага.
Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, на прес-конференција кажа дека Александар Лазаров, познат како Цуна, кој претходно бил осудуван за трговија со дрога, избегал од полициската станица во Кочани.
Таа обвини дека случајот покажува сериозни пропусти во функционирањето на Министерството за внатрешни работи и побара одговори од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ако наркодилери можат слободно да бегаат од полициска станица што значи тоа? Тотален распад. Швајцарско сирење. Тоа е сликата за денешната партизираната полиција која наместо да ги гони, ги штити криминалците на власт. Но, овој скандал отвора сериозни сомнежи за пропусти, злоупотреби и спрега на ВМРО со криминалци и наркодилери на секое ниво. Тошковски треба да излезе пред граѓаните и да одговори, кој ќе понесе одговорност за овој скандал? Има ли барем малку грижа на совест што го пушти да избега наркодилерот Цуната, кој се поврзува и со дискотеката „Пулс“ во Кочани? Каква е поврзаноста на Цуната со началникот на ОВР Кочани, Тоше Стојанов, поставен од Тошковски? Каква е поврзаноста со пратеникот на ВМРО Миле Лефков, кој има слики со него? Кој дозволи да побегне преку прозор од полициска станица Кочани, или пак некој намерно го пуштил? Зошто наркодилерот не бил чуван во просториите за задржување?“, рече Младеновска.
Таа додаде дека доколку обвинителството навистина подготвувало предлог за определување мерка притвор, тогаш овој случај е уште посериозен и бара итна и темелна истрага, но пред се бара одговорност.
„Во секоја нормална држава, ваков случај ќе значеше итна одговорност и оставки. Овој скандал му се случува на истиот оној Панче Тошковски на кого му поминаа пет тони дрога преку македонската граница без никој да понесе одговорност. На истиот оној Панче Тошковски за време на чиј мандат криминалци бегаа преку граница кога сакаат. На истиот оној Тошковски кој ветуваше: „Брат да ми е, ќе одговара“, а по две години мандат никој не одговара а криминалнци бегаат од полициска станица. СДСМ бара целосно расчистување на случајот, утврдување одговорност за сите инволвирани службени лица, вклучително и на раководството на ОВР Кочани. Уште колку скандали во МВР се доволни за Тошковски да понесе оставка?“, истакна Младеновска.











