Српската министерка изјави дека етнички ќе го исчисти Косово, забранет ѝ е влез во земјата

Макфакс

15/07/2026

08:05

1.675

Големина на фонт

а а а

Српската министерка за државна администрација и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, е прогласена за непожелна личност во Косово поради изјавата за етничко чистење на Косово, што предизвика реакции од косовските власти и Европската унија.

Српската министерка за државна администрација и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, е прогласена за непожелна личност во Косово откако изјави дека доколку била на власт за време на војната, ќе спровела „етничко чистење“ на Косово. Одлуката ја објави вчера косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, кој потврди дека ја потпишал и ја проследил до надлежните органи.

Свечла изјави дека со својата реторика, српската министерка го покажала „континуитетот на државната политика што со децении произведува насилство, злосторства и обиди за искоренување на Албанците од нивните домови“.

„Како министер за внатрешни работи на Косово, денес донесов одлука со која ја прогласив Снежана Пауновиќ за непожелна личност, со трајна забрана за влез или премин низ Република Косово. Времето кога Албанците беа угнетувани, масакрирани и етнички чистени помина засекогаш“, напиша Свечла на социјалните мрежи.


Тој додаде дека Република Косово е суверена и демократска држава со силни институции кои го штитат уставниот поредок, територијалниот интегритет и безбедноста на сите граѓани. „Секој обид за оживување на идеологиите за етничко чистење или закани за Република Косово ќе наиде на цврст, правен и институционален одговор“, рече тој.

„Да бев на позицијата на Милошевиќ во 1998 година, етнички ќе го исчистев Косово. И тоа е најсуровата квалификација што некогаш сум ја изговорила. Не на начин на кој сакаат да нè ликвидираат, туку на таков начин што нема да се чувствуваат како дел од Србија и да одат во својата матична земја“, рече Пауновиќ во телевизиско интервју за белградска станица.

Изјавата предизвика реакции и од високи претставници на ЕУ. Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, на прес-конференција во Брисел изјави дека ЕУ нема директно да коментира поединечни изјави, но го повтори ставот на блокот. „Во Европа нема место за реторика што го оправдува и заговара етничкото чистење“, рече Хипер.

По бројни реакции, Пауновиќ издаде соопштение во кое тврди дека против неа се води пропаганда. Таа рече дека само направила „анализа“, но стои зад ставот што го изразила во контроверзната изјава.

Слободан Милошевиќ, кој ја водеше Србија за време на косовскиот конфликт, почина во притвор во Хаг во 2006 година. Тој почина додека беше на судење пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија по обвиненија што вклучуваа геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.