Колку квадрати бетон вреди едно Водно, прашуваат од ЗНАМ

Макфакс

15/07/2026

14:40

230

Големина на фонт

а а а

Во Општина Центар се водела дебата околу урбанистичкиот план кој може да донесе голема бетонизација на Водно. Движењето ЗНАМ јасно се спротивставува и предупредува за ризиците по природата и идните генерации, барајќи заштита на ова природно богатство.

„Вчера во Советот на Општина Центар не се одлучуваше само за уште една урбанистичка точка. Се одлучуваше дали ќе се заштити Водно или повторно ќе се отвори патот за нов бетон. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија гласаше против. Нашиот став беше јасен. Не може да се носат одлуки за Водно без мислење од надлежните институции за ризикот од ерозија и свлечишта. Не може да се игнорира фактот дека предложениот план отстапува од Генералниот урбанистички план“, велат од Движењето ЗНАМ.

„На седницата предупредивме: Ги доведуваме во опасност нашите деца. За жал, наместо аргументите и јавниот интерес, повторно преовладаа интересите што отвораат простор за нова бетонизација.

Бројките сами зборуваат.

Процентот на изграденост се зголемува од 5,8% на 30,17%, односно 5,2 пати.

Бруто-изградената површина расте од 6.500 м² на 29.459 м², односно 4,5 пати, а коефициентот на искористеност се зголемува од 0,17 на 0,91, односно 5,35 пати.

Дополнително, постојат решенија со кои поединечни градежни парцели се третираат на начин што отвора сериозен сомнеж дали водечки критериум бил јавниот интерес или нечии лични интереси.

Ова не е развој каков што заслужуваат Центар и Скопје. Ова е уште еден чекор кон уништување на белите дробови на градот.

Нема да прифатиме Водно да стане симбол на бетон, наместо симбол на природата.

Личните интереси никогаш не смеат да бидат поважни од здравјето на граѓаните, безбедноста и правото на идните генерации да живеат во здрав и чист град.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе продолжи гласно да се спротивставува на секоја одлука што го става приватниот интерес пред јавниот интерес и профитот пред природата.

Водно не е простор за тргување. Водно е природно богатство што мора да остане за сите граѓани“, соопштуваат од Движењето ЗНАМ.