Не е само рециклирање: Еве зошто Повратните вендинг машини во Македонија носат поголема корист отколку во Европа

Точка

16/07/2026

16:34

252

Големина на фонт

а а а

Во најголем дел од Европа, кога граѓаните ќе вратат пластично шише или лименка во повратна вендинг машина, всушност си ги добиваат назад парите што претходно ги платиле како депозит при купувањето на производот. Во Македонија приказната е поинаква, односно граѓаните добиваат дополнителна награда за секое одложено парче амбалажа, а цените на производите не се зголемени.

Токму ова е една од главните разлики на системот што го развива Пакомак преку Повратните вендинг машини (ПВМ), кои од 2019 година постепено се поставуваат низ државата во соработка со Швајцарската амбасада. Од првите машини поставени во Скопје, мрежата денес брои повеќе од 90 локации, а стотата машина се очекува да биде поставена во август.


За разлика од депозитните системи во повеќето европски земји, каде купувачите однапред плаќаат дополнителни 5 до 25 евроценти за амбалажата и тие средства им се враќаат по нејзиното враќање, македонскиот модел функционира поинаку. Производите не се плаќаат поскапи, а секој што ќе одложи пластично шише или лименка во Повратна вендинг машина добива „зелени поени“ преку апликацијата ЕкоМак.

Вредноста на овие поени е уште поголема бидејќи Пакомак со сопствени средства обезбедува дополнителни 0,5 денари за секое одложено парче отпад. Насобраните поени потоа можат да се искористат за различни поволности и награди преку апликацијата, по избор на корисниците.


„Системот на Повратни вендинг машини е направен така што обезбедува најголема корисност за сите граѓани, но и ги мотивира да се однесуваат на еко-одговорен начин. Навистина веруваме во придобивките кои ги нудат овие машини и сме задоволни што забележуваме дека се користат сѐ повеќе, што се гледа и преку растечкиот број корисници на ЕкоМак“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

Промената на навиките не се случува преку ноќ, но Пакомак веќе неколку години инвестира во подобрување на инфраструктурата за селекција на отпад и во воведување нови решенија што го прават рециклирањето полесно и подостапно.

Повратните вендинг машини се дел од таа стратегија, решение кое истовремено придонесува за почиста животна средина и ги мотивира граѓаните со конкретна вредност за нивниот еколошки одговорен избор.