Каде е Инспекторатот за употреба на јазиците, итна оставка на директорот, бара ДУИ

Макфакс

20/07/2026

08:35

446

Големина на фонт

а а а

ДУИ реагира на отвореното прекршување на Законот за употреба на јазиците од страна на Град Скопје, барајќи итна оставка на директорот на Инспекторатот и посочувајќи на потребата од функционирање на оваа институција која треба да обезбеди почитување на двојазичноста и мултиетничкиот карактер на главниот град.

Во само еден ден, Град Скопје двапати отворено ја прекрши законската обврска за употреба на албанскиот јазик. Скопје е двојазичен град и неговите институции имаат јасна законска обврска албанскиот јазик да го користат во официјалната комуникација, велат од ДУИ.

„Пред очите на јавноста, и покрај реакциите на граѓаните, Град Скопје продолжи да го игнорира законот, албанскиот јазик и албанската заедница, покажувајќи целосно непочитување кон мултиетничкиот карактер на главниот град.

Во ваква ситуација, прашањето е директно: каде е Инспекторатот за употреба на јазиците“, прашуваат од ДУИ.

Оваа институција, додаваат од таму, е формирана токму за да ги утврдува прекршувањата, да наложува нивно отстранување и да изрекува мерки против институциите што не го спроведуваат законот.

„Во нејзиното создавање се вложени години работа, кадар, обуки и институционални капацитети. Денес, директор поставен од ВМРО-ДПМНЕ го има парализирано Инспекторатот и молчи пред очигледните прекршувања.

Молкот на Инспекторатот директно ги охрабрува прекршителите и го претвора исклучувањето на албанскиот јазик во институционална практика“.

Бараат итна оставка на директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците.

„Политичка одговорност од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја има заробено и блокирано оваа институција.

Итна правна одговорност за сите што го прекршуваат Законот за употреба на јазиците и поттикнуваат етничка нетрпеливост и омраза.

Законот мора да се почитува. Инспекторатот мора да постапува. Одговорните мора да одговараат“.