Бунтот се шири во Струга, фактури од ЗАМП доаѓаат за ист апартман до повеќе членови на семејство

A1ON.MK

20/07/2026

17:54

1.530

Големина на фонт

а а а

Револтот поради надоместоците што ЗАМП ги побарува од сопствениците на приватно сместување се шири и во Струга. По објавувањето на првите реакции од Охрид, до редакцијата пристигнуваат нови сведоштва од издавачи кои ја оспоруваат не само висината и начинот на наплата, туку и самата основа врз која се задолжуваат.

Во некои случаи покани за плаќање биле доставени до повеќе членови на едно семејство, иако станува збор за ист апартман. Тоа упатува на сериозни слабости во податоците врз основа на кои се идентификуваат обврзниците. Сопствениците на апартмани најавуваат групна тужба за ЗАМП, а дел од нив и дека ќе ги одјават апартманите и ќе се откажат од издавање.

Главното прашање кое лебди по очигледно несмасното праќање на фактури е зошто сопственикот на приватен апартман треба да плаќа авторски надоместок за телевизиска или радиопрограма за која радиодифузерот веќе платил право на емитување? Авторите треба да бидат платени, но прашањето е за кое ново користење?

Организациите за колективно управување со авторските права не го сметаат ова за двојно плаќање. Нивната правна логика е дека радиодифузерот плаќа за првичното емитување, додека хотелот или друг сместувачки објект плаќа за посебно „соопштување до јавноста“ – односно за овозможување на програмата да стигне до дополнителна, „нова публика“.

Но токму поимот „нова публика“ ја создава најголемата правна и логичка дилема.

На пример, гостинот од Струмица кој гледа телевизија дома е дел од лиценцираната публика. Кога истиот човек ќе замине на одмор во Охрид или Струга и ќе ја гледа истата телевизиска програма во апартман, дали неговиот правен статус се менува? Дали локацијата на телевизорот го претвора истиот гледач во нова публика и создава ново авторско правно користење?

Ова не е само реторичко прашање, туку на него се темели целиот систем на дополнителна наплата.

Европскиот суд не вели дека секој регистриран апартман автоматски плаќа

Најрелевантната понова европска пресуда е предметот GEMA против GL, донесена во јуни 2024 година. Случајот не се однесувал на класичен хотел, туку на станови за изнајмување во кои биле поставени телевизори со собни антени.

Судот на правдата на Европската Унија оцени дека намерното поставување телевизори кои им овозможуваат на корисниците да примаат програма може да претставува соопштување до јавноста. Но пресудата не воспоставува едноставно правило дека секој стан или апартман, само затоа што се издава, автоматски станува обврзник. Оцената се врзува со конкретната интервенција на сопственикот, пристапот до програмата, кругот корисници и комерцијалниот карактер на услугата

Оваа разлика е суштинска за македонскиот случај. Ако ЗАМП го задолжува секој категоризиран апартман врз основа на неговиот капацитет, тогаш треба да се одговори дали претходно е утврдено дека во објектот воопшто постои телевизор или радио, дали приемниците се функционални, дали имаат пристап до програма и дали сопственикот навистина презел дејствие што претставува „соопштување на авторски дела“.


Самата регистрација на простор за сместување не докажува дека во него се користи музика. Ниту бројот на легла докажува колку гости гледале телевизија, која програма ја гледале и дали воопшто го вклучиле приемникот.

Ако надоместокот се пресметува само според капацитетот на објектот, тогаш се плаќа врз основа на претпоставена можност за користење, а не врз основа на утврдено користење. Телевизорот не е секогаш исто што и јавно соопштување. Европската судска практика покажува дека постоењето на приемник само по себе не мора во секоја ситуација да создава обврска.

Во предметот Stim и SAMI, Судот на ЕУ одлучи дека компанија за изнајмување автомобили не врши соопштување до јавноста само затоа што автомобилите имаат фабрички вградени радиоприемници. Компанијата обезбедувала возило со техничка опрема, но не ја избирала програмата, не го пренесувала сигналот и не ја пуштала музиката на корисниците.

Апартманот, се разбира, не е автомобил. Но пресудата воспоставува важна разлика: едно е да се обезбеди уред, а друго е активно да се соопштува авторско дело. Затоа, кај приватното сместување мора прецизно да се утврди „што прави сопственикот“. Дали тој организира сопствен систем за прием и дистрибуција на сигнал? Дали пушта музика во заеднички простории? Дали избира програма што им ја презентира на гостите? Или само издава наместен стан во кој, меѓу останатите домашни апарати, има и телевизор?


Доколку сите овие ситуации се третираат еднакво, тогаш исчезнува разликата меѓу активно користење авторски дела и обично поседување техничка опрема. Европската практика покажува и дека не секое авторско или сродно право автоматски се активира кога во хотелска соба се прима програма. Не е доволно да се каже дека има телевизор, гости и комерцијална дејност. Мора да се наведе кое конкретно право се користи, со кое конкретно дејствие и врз која правна основа се бара надоместокот.

Хотелите и приватните апартмани не се идентични

Голем дел од судската практика врз која се темели ваквата наплата е развиена во предмети поврзани со хотели. Но хотел и приватен апартман не се иста деловна и организациска категорија. Според информации на А1он, апартманите не биле во правилникот за плаќање на авторски права. Тие биле додадени по барање на хотелиерите, кои се побуниле дека не треба да се единствени кои треба да плаќаат.

Хотелот има голем број соби, рецепција, организирани заеднички простории, централен систем за телевизиски сигнал и континуирана професионална услуга. Во таков систем операторот активно обезбедува програма како дел од понудата. Кај приватното сместување често станува збор за еден или два стана, сезонска дејност и опрема што вообичаено се наоѓа во секој дом. Телевизорот можеби не е дел од рекламата, нема централен систем, сопственикот не избира што ќе се гледа, а гостите може воопшто да не го користат.


И покрај тие разлики, македонскиот модел, според фактурите што ги добиваат издавачите, ја утврдува обврската категоријално – затоа што објектот е апартман и има определен капацитет.

Така, правната анализа на конкретното користење се заменува со административна претпоставка: ако издаваш, веројатно имаш гости; ако имаш гости, веројатно имаш телевизор; ако имаш телевизор, веројатно се гледа програма; ако се гледа програма, се должи надоместок. Згора на тоа се бара итно плаќање на пеналите за да нема време многу да се размислува.