[ФОТО] Избрани се најбајковитите дестинации во Европа и навистина изгледаат како да не се реални: Една од нив е скапоцен камен на поранешна Југославија

Точка

21/07/2026

10:29

944

Големина на фонт

а а а

Новата листа на најбајковитите европски дестинации за 2026 година носи спој од прочуени знаменитости и помалку познати места што изгледаат како сцени од бајка – но во кои луѓето и денес живеат и работат, опкружени со вековни улици и природни пејзажи.

Туристичката платформа „European Best Destinations“ ја објави листата на најбајковитите европски дестинации за 2026 година, составена врз основа на проценките на експерти и гласовите на патници од целиот свет.

Најпрво биле разгледани повеќе од 4.200 локации низ Европа, а потоа изборот бил стеснет на 68 дестинации според критериуми како што се историската вредност, атмосферата, автентичноста, културата и целокупното искуство на посетителите.

Потоа патниците ги избрале своите три омилени дестинации, со што била формирана конечната листа, пренесува „Euronews“.

Погледнете како изгледаат местата кои се најдоа во топ 10.

Замокот Елц, Германија


Со својот изглед, замокот Елц навистина потсетува на сцена од детска бајка. Се издига над долината на реката Мозел, опкружен со шумовити ридови во западниот дел на Германија. Овој средновековен замок веќе повеќе од 850 години е во сопственост на истото семејство, а особено е впечатливо тоа што, и покрај бурната европска историја, никогаш не бил уништен во војна.

Мон Сен Мишел, Франција


Мон Сен Мишел, кој се издига од плимните рамнини на брегот на Нормандија, се вбројува меѓу највпечатливите француски знаменитости. Со островот, кој се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО, доминира бенедиктинска опатија што со векови привлекува посетители, а од неговиот врв може да се набљудува како плимата го менува изгледот на околниот пејзаж.

Тоса де Мар, Шпанија


Тоса де Мар покажува поинакво лице на Коста Брава – ова некогашно рибарско место се истакнува со одлично зачуваните средновековни ѕидини на Вила Веља, кои се издигаат над песочната плажа и Средоземното Море. Не е тешко да се разбере зошто сликарот Марк Шагал го нарекол овој град „Синиот рај“, ниту зошто и денес привлекува бројни уметници.

The Dark Hedges, Северна Ирска


Една од најфотографираните атракции во Северна Ирска е алејата со буки засадена во 18 век, со цел да го обликува пристапот до еден имот. Љубителите на „Игра на тронови“ ќе ја препознаат оваа локација како Кралскиот пат, но таа е импресивна и за оние кои никогаш не ја гледале серијата.

Рига, Летонија


Рига можеби нема класичен бајковит изглед како некои други европски престолнини, но токму тоа ѝ дава посебен шарм. Главниот град на Летонија ги спојува средновековните улици и црковните кули со една од највредните светски збирки на архитектура во стилот на сецесија.

Замокот Нојшванштајн, Германија


Замокот Нојшванштајн се смета за еден од најмагичните замоци во Европа и еден од најпрепознатливите симболи на Баварија. Го изградил баварскиот крал Лудвиг II, познат и како „Срамежливиот крал“, кој во него се повлекувал од јавниот живот бидејќи не ги сакал општествените обврски. За посетители бил отворен уште во 1886 година, а денес секоја година го посетуваат повеќе од еден милион луѓе.

Ротенбург об дер Таубер, Германија


Ротенбург об дер Таубер е едно од најубавите средновековни гратчиња во Германија и вистинско место за љубителите на бајковити пејзажи. Без оглед на годишното време, неговите калдрмени улици, зачуваните ѕидини и куќите со дрвени греди изгледаат како да излегле од сликовница.

Блед, Словенија


Блед е еден од скриените бисери на европскиот туризам, најпознат по истоименото езеро, во чија средина се наоѓа мало островче со црква – една од најпрепознатливите туристички атракции на Словенија. Комбинацијата од кристално чистото езеро, планинското опкружување и средновековниот замок на карпа го направија Блед една од најфотографираните дестинации во Европа.

Риквир, Франција


Риквир, живописно средновековно гратче во Алзас, останало речиси недопрено за време на Втората светска војна, поради што го зачувало својот автентичен изглед. Неговите шарени куќи, тесните улици и средновековната атмосфера го прават едно од најубавите места во Франција.

Крајова, Романија


Крајова е едно од најголемите изненадувања меѓу европските бајковити дестинации – град во кој фантазијата, креативноста и јавните манифестации се спојуваат во единствена атмосфера.

Во текот на целата година градот го менува својот изглед благодарение на големите тематски настани. Во пролет се одржува Велигденскиот саем, кога улиците се исполнуваат со огромни декорации, раскошни цветни градини, уметнички инсталации и содржини за семејства, создавајќи амбиент како од бајка.

Во зима, Крајова се претвора во една од најубавите божиќни дестинации во Европа, со илјадници светлосни украси, тематски зони и празнични атракции...