Чувството на замор може да изгледа нелогично кога времето е убаво, сонцето сјае и планираме летен одмор.
Сепак, летната исцрпеност е реален феномен што погодува многу луѓе, а причините се различни – од дехидратација до подолгото траење на дневната светлина, објаснува за „Independent“ докторот Џон Брифа. Доколку чувствувате необјаснив замор, ова се можните причини и препораките како да го ублажите.
Жештината и телесната температура
Ова лето беа забележани рекордно високи температури, а серијата топлотни бранови може да предизвика замор, бидејќи промените на температурата влијаат врз способноста на организмот да ја регулира сопствената телесна топлина. „Нашиот метаболизам, кој создава енергија, најдобро функционира во многу тесен температурен опсег“, вели д-р Брифа и додава: „Ако телото значително се излади или загрее, дури и за само половина степен, сите процеси се забавуваат.“
За да се ублажи заморот предизвикан од жештината, тој предлага да се ладат делови од кожата без влакна, како што се дланките, челото и стапалата, бидејќи токму тие најбрзо ја намалуваат телесната температура. „Разладете ги тие делови од телото, но не со мраз, бидејќи тогаш крвните садови се стеснуваат. Користете ладен облог со температура од околу 15 Целзиусови степени. Ако не можете да се разладите во река, езеро или море, дури и само потопувањето на стапалата е многу подобро отколку ништо.“

Проблемот со дехидратацијата
Сонцето, потењето и недоволниот внес на течности се главните причини за дехидратација, која е поизразена во текот на летото. Заморот е еден од нејзините први симптоми, а често е проследен со главоболка, вртоглавица и иритирани очи. Д-р Брифа истакнува дека, според истражувањата, доволна е и многу блага дехидратација, од само еден до два проценти од телесната тежина, за да дојде до намалување на менталните способности.
Многумина пијат вода дури кога ќе почувствуваат жед, но тоа е погрешен пристап. Жедта, всушност, е „задоцнет знак на дехидратација“, вели д-р Брифа. Ако не сте сигурни дали внесувате доволно течности, тој препорачува да ја следите бојата на урината. „Треба да пиете доволно течности за урината во текот на целиот ден да остане светложолта. Како ориентир нека ви биде бојата на сив пино. Ако урината има боја на темно шардоне или на енергетски пијалак, тоа е знак дека постои проблем.“
Влијанието на алкохолот врз сонот
Во текот на летото, поради годишните одмори, престојот на отворено и подолгите денови, често се зголемува и консумацијата на алкохол. Покрај другите штетни последици, алкохолот го нарушува и квалитетот на сонот. Иако д-р Брифа не сака да ги одвраќа луѓето од одговорно и умерено консумирање алкохол, тој предупредува: „Проблемот е што дури и релативно мала количина алкохол може толку многу да го наруши сонот, што наутро ќе се чувствувате значително помалку одморени.“
„Кај повеќето луѓе еден пијалак нема да претставува проблем, на пример една чаша вино или мало пиво, но проблемите најчесто започнуваат по тоа. По вториот пијалак, повеќето луѓе веќе не можат да го избегнат негативното влијание врз сонот.“

Долгите денови и нарушениот ритам
Изложеноста на светлина во текот на ноќта може да го наруши нашиот циркадијален ритам и да го влоши сонот, а во лето овој проблем дополнително го засилуваат подолгите денови. „Летните вечери се долги, што може да ни го отежне заспивањето, а раното изгрејсонце не ни дозволува да спиеме подолго наутро“, објаснува д-р Брифа.
Тој не смета дека луѓето треба да се кријат од дневната светлина, но верува дека е добра стратегија да се заштитат од раното изгрејсонце за да можат да спијат подолго. За таа цел препорачува да се инвестира во „blackout“ завеси, кои целосно ја блокираат светлината, или во маска за очи.
Алергиите и дишењето
Во текот на летото, нивото на полен нагло се зголемува и им создава проблеми на луѓето кои страдаат од поленска алергија. Симптомите како затнат нос и чешање на очите често го нарушуваат квалитетниот сон. „За лицата со поленска алергија кои не можат да дишат преку нос, клучно е да ги ослободат дишните патишта за да не мора да дишат преку устата“, вели д-р Брифа.
„Повеќето луѓе полесно дишат преку нос. Ако се принудени да дишат преку устата, во текот на ноќта може да дојде до хипервентилација, што значи дека телото добива нешто помалку кислород.“ За дишните патишта да останат проодни во текот на ноќта, д-р Брифа препорачува лепенки што ги прошируваат ноздрите или испирање на носот со солен раствор.










