„Црвено знаме“ е најлуксузниот кинески автомобилски бренд: Продава двојно повеќе автомобили од „Rolls-Royce“

Точка

27/07/2026

17:16

526

Големина на фонт

а а а

Со децении, за најбогатите кинески купувачи, европската премиум автомобилска сцена, предводена од „Rolls-Royce“, беше симбол на престиж на четири тркала. Но, се чини дека трендот се менува.

Сè повеќе богати Кинези се одлучуваат за домашниот производител „Hongqi“. Брендот е најпознат по лимузините што ги користеа кинеските политички лидери, од Мао Це Тунг до Си Џинпинг, но во последните години сериозно се позиционираше во премиум, луксузниот и ултралуксузниот сегмент.

Неговата ултралуксузна линија „Golden Sunflower“ на домашниот пазар остварува подобри продажни резултати од западните конкуренти. Таа беше лансирана во 2023 година како најлуксузен подбренд на концернот „FAW“, но и на целата кинеска автомобилска индустрија.

Предводник на понудата е ретро лимузината „Hongqi Guoli“, луксузно возило претставено на Автосалонот во Пекинг. Почетната цена изнесува повеќе од еден милион евра, со што се вбројува меѓу најскапите европски автомобили изработени по нарачка.

Но, „Hongqi“ не се обидува да му конкурира на „Rolls-Royce“ со моќноста на моторот или спортските перформанси. Наместо тоа, акцентот го става на кинеската традиција, врвната рачна изработка и националниот идентитет.

На пример, за изработка на специјалните везени украси во ентериерот на еден автомобил се потребни повеќе од 1.200 часа работа, а се користат дури 100 различни нијанси на свилени конци за на таванот да се создаде мотив на облаци.

Во понудата се наоѓа и „поскромниот“ модел „Guoya“, чија почетна цена изнесува околу 200.000 евра.


Се продава двојно подобро од „Rolls-Royce“

Стратегијата очигледно дава резултати. Според податоците што ги наведува „FAW“, во текот на 2025 година биле продадени околу 1.400 примероци од моделите од линијата „Golden Sunflower“. Во исто време, аналитичарите проценуваат дека „Rolls-Royce“ во Кина продал двојно помалку, односно околу 700 автомобили.

По успехот во Кина, „Hongqi“ планира дополнително проширување надвор од домашниот пазар. Меѓу првите дестинации се Малезија и Русија, каде што производителот гледа можност за раст во сегментот на луксузните автомобили. Во последните години брендот значително го проширува својот асортиман, а своите автомобили ги опремува со напредни технологии.