На градилиште во Љубљана пронајдени 125 антички римски гробови

Точка

27/07/2026

19:18

333

Големина на фонт

а а а

Словенечките археолози пронашле 125 антички римски гробови на градилиште за патничко-трговскиот комплекс Емоника, во близина на центарот на Љубљана, соопшти денеска Градскиот музеј на Љубљана.

Поголемиот дел од пронајдоците се кремирани посмртни останки, заедно со бројни гробни додатоци, како што се маслени светилки, накит и керамички садови. Како што се наведува, анализата на овие предмети ќе обезбеди нови сознанија за животот и смртта во античка Емона, пренесе СТА.

Северната некропола на Емона се протегала долж некогашниот главен северен влез во античкиот град, а досега на ова подрачје се документирани околу 4.000 гробови, што сведочи за животот, општествената структура и погребните обичаи на жителите на Емона, која се наоѓала на просторот на денешна Љубљана.

Северната некропола се протегала од денешниот Конгресен плоштад, покрај Главната железничка станица кон општината Бежиград, па сè до саемскиот комплекс „Господарско разставишче“. Од Музејот соопштија дека тековните археолошки истражувања претставуваат продолжение на обемните истражувања на северната некропола на Емона.

Од Музејот додадоа дека археолозите наскоро повторно ќе се вратат на раскрсницата меѓу Словенска и Масарикова улица, каде што градежните работници ќе градат нов колектор, бидејќи најголемиот дел од северната некропола на Емона се наоѓа токму на тоа подрачје, се очекува таму да бидат откриени уште антички римски гробови.