Кога денес се размислува за купување нослив уред, изборот е навистина голем, без разлика дали станува збор за паметен прстен, нараквица или часовник, а Касио (Casio) неодамна претстави интересна комбинација од овие уреди.
Касио веќе извесно време продава часовници во форма на прстен, вклучувајќи го и симпатичниот „G-Shock“ модел, а станува збор за многу креативна идеја за љубителите на модни додатоци. Иако се носат на прстот, овие уреди изгледаат како минијатурна верзија на дигиталниот часовник на Касио, со функционален дисплеј, стоперка и календар.


Меѓутоа, компанијата на својот најнов модел му додала и функционалности на паметен прстен.


Моделот „Casio CRW-H001M-8“ најпрво ќе се појави на кинескиот пазар по цена од околу 294 долари, со вклучени локални даноци. Неговиот сензор може да го следи срцевиот ритам, нивото на кислород во крвта, сонот и телесната температура.

Паметниот часовник во форма на прстен ќе брои и чекори, ќе ја проценува потрошувачката на калории, а неговата батерија ќе трае од четири до шест дена.