Честото користење на вештачката интелигенција (AI) може да доведе до развој на зависност, да ја отежне непосредната комуникација меѓу луѓето и да предизвика проблеми со приспособувањето кон општествената средина, изјави директорката на Институтот за клиничка психологија и социјална работа при московскиот Универзитет Пирогов, Вера Никишина.
Никишина за „RIA Novosti“ изјави дека интензивната интеракција со AI системите може да ја зголеми потребата кај корисниците да се повлекуваат од реалните општествени односи.

„Колку повеќе човек комуницира со вештачката интелигенција, толку повеќе се соочува со тешкотии во реалната комуникација. Истовремено расте потребата за оддалечување од општествената реалност, а последица од таквата зависност е отежнатото функционирање во реалната општествена средина, без посредство на технологијата“, предупреди Никишина.

Според неа, кај лицата кои ќе развијат ваков вид зависност може да бидат поизразени негативните емоционални состојби за време на непосредните општествени контакти, поради што ќе имаат тенденција повторно да се вратат на комуникацијата со вештачката интелигенција, каде што имаат чувство дека се подобро разбрани.

Никишина додаде дека ваквите лица можат да развијат нарушувања во приспособувањето, додека недостатокот на реална социјална комуникација може да доведе до зголемена анксиозност, на која со текот на времето можат да ѝ се придружат и различни фобии.




