Обвинителството да отвори истрага за Мицкоски и Клековски – го загрозија здравјето на граѓаните на Гостивар, велат од СДСМ

Макфакс

04/08/2026

08:22

164

Големина на фонт

а а а

СДСМ ги обвинува Мицкоски и Клековски дека ја загрозиле јавната безбедност и здравјето на граѓаните на Гостивар поради несоодветно справување со квалитетот на водата за пиење, повикувајќи обвинителството да отвори истрага.

„Повторно ново ветување. Повторно неисполнето. Повторно водата не е чиста, ниту техничка. Владата сѐ уште не достави официјален документ со кој се потврдува дека водата што граѓаните на Гостивар ја користат повеќе од една недела е технички исправна. Единствена „потврда“ беше изјавата на Мицкоски. Ништо повеќе“, велат од СДСМ.

„Денес повторно се врши хиперхлорирање. Кога се прави хиперхлорирање – капењето не е дозволено. Но никој не смее тоа јавно да им го каже на граѓаните, затоа што тогаш ќе се открие дека Мицкоски лажеше. А лажењето и навредите се единствениот начин на комуникација што тој го познава.

Министерот Клековски најави дека од оваа недела водата ќе може да се пие. Мицкоски рече дека има бактерија. Денес официјално е потврдено: присутна е опасната бактерија Pseudomonas aeruginosa, која има сериозни последици по здравјето на човекот.

Тоа значи дека капењето не било дозволено, а граѓаните се капеа. Ова е страшна информација што власта се обидува да ја прикрие.

За ова мораат кривично да одговараат Христијан Мицкоски, министерот Клековски и сите одговорни лица од институциите што молчеа додека се загрозуваше здравјето на граѓаните на Гостивар.

Ова сѐ уште трае. Одговорноста не може и не смее да се избегне.

Го повикуваме Савевски барем еднаш да постапи согласно законот и да застане во одбрана на граѓаните. Знаеме дека е под команда на Мицкоски, но овојпат се во прашање животите на граѓаните и нивното здравје“, се наведува во соопштението на СДСМ.