Црвените патишта би можеле да станат стандард: Еве за што служат и како ја зголемуваат безбедноста во сообраќајот.
Возачите на дел од државниот пат NH-45 низ индиската сојузна држава Мадја Прадеш ги пречекува необична глетка – коловоз обоен во црвено.
Не станува збор за естетско решение, туку за нов начин за намалување на брзината и заштита на дивите животни во резерватот за тигри Вирангана Дургавати.
На критичната делница, долга околу два километри, врз асфалтот е поставен црвен термопластичен слој со дебелина од пет милиметри.
Освен што на возачите јасно им сигнализира дека влегуваат во чувствителна зона, благо издигнатата површина создава вибрации и звук под тркалата, поттикнувајќи ги природно да ја намалат брзината, без потреба од класични лежечки полицајци.
Проектот беше претставен кон крајот на 2025 година, а сега се разгледува негово проширување и на други патишта што минуваат низ шумски и еколошки чувствителни подрачја, пишува „Jutarnji list“.
Предноста на ова решение е што не бара реконструкција на патот, не го нарушува одводнувањето и создава помалку бучава во споредба со вибрационите ленти.
Црвената подлога е само дел од поширок проект кој опфаќа речиси 12 километри пат.
Изградени се 25 подвозници за диви животни, поставени се заштитни огради кои ги насочуваат кон безбедни премини, како и камери за следење на нивното движење.
Уличното осветлување се напојува со соларни панели.
Според податоците на индиските власти, во текот на првите шест месеци на пилот-делницата не е забележана ниту една сообраќајна несреќа со смртни последици.
Сепак, ќе биде потребен подолг период на следење за да се утврди колку овој систем навистина е ефикасен.






