Најдобриот светски играч во пикадо, Лук Литлер, ја изненади спортската јавност, но овојпат не со нова победа или титула, туку со исклучително остра изјава на сметка на фудбалската ѕвезда Ламин Јамал.
Имено, 19-годишниот Британец смета дека ѕвездата на Барселона не заслужува толкаво внимание какво што ѝ се посветува.

Во интервју за британскиот „The Sun“, Литлер се осврна на честите споредби со својот врсник од Барселона (двајцата се родени во 2007 година), отворено порачувајќи дека смета оти успесите на Јамал се пренагласени.
„Шпанија го освои првенството и сите зборуваат за Ламин Јамал. Искрено, не направи ништо посебно, нели? Можеби постигна еден гол и забележа една асистенција. Дали тој е најдобриот 19-годишник во светот? Не е. Сè додека победувам, играм добро и освојувам трофеи, тоа е единственото што е важно“, изјави Литлер.

Литлер не застана само на критиките кон Јамал. Зборувајќи за сопствената доминација на пикадо-сцената, каде што за рекордно кратко време ги освои „Premier League Darts“ и низа од најпрестижните турнири, Британецот отиде чекор понатаму и самиот себеси се стави на самиот врв на светскиот спорт.
„Тешко е да се каже кој е најдобар во моментов бидејќи Синер неодамна го освои Вимблдон, но ако ги погледнете трофеите што ги освојувам и просеците што ги остварувам од недела во недела, мислам дека во овој момент веројатно сум најдобриот спортист во светот“, самоуверено порача Литлер.