Артан Груби за 17 дена излегува од куќен притвор ако нема обвинение: Истекува рокот за истрагата против поранешниот вицепремиер

Точка

06/08/2026

14:31

687

Големина на фонт

а а а

Последниот законски рок за завршување на истрагата против поранешниот вицепремиер Артан Груби истекува на 22 август. Доколку до тој датум Основното јавно обвинителство не поднесе обвинение, ќе престане да важи мерката куќен притвор, а судот ќе определи друга мерка за обезбедување на неговото присуство во постапката.

Од Основниот кривичен суд Скопје за СДК.мк појаснуваат дека во случај да нема обвинение во законскиот рок, куќниот притвор автоматски се укинува.

„Ако нема обвинение, куќниот притвор на осомничениот за кој прашувате му се укинува и Основниот кривичен суд Скопје по службена должност одредува мерка за обезбедување присуство. Најчесто тоа е одземање на патната исправа“, велат од Кривичниот суд.


Груби се врати во земјава на 23 февруари 2026 година преку граничниот премин Блаце, со што заврши неговото 14-месечно бегство во Косово. По враќањето најпрво беше спроведен во притвор, но по само неколку часа, по предлог на обвинителството и со одлука на судот, мерката беше заменета со куќен притвор. Како причина беше наведено дека не се чувствувал безбедно во Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.

Истрагата се однесува на предмет поврзан со работењето на Државната лотарија, во кој Груби е осомничен за проневера на околу 8,2 милиони евра. Во случајот е осомничен и поранешниот генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, кој исто така е во бегство.

Во истрагата се опфатени и уште неколку лица, меѓу кои претседател и членови на комисии за два јавни повика. Според сомневањата на обвинителството, тие ги злоупотребиле службените овластувања при спроведувањето на постапките за пренесување на правото за приредување електронски и интернет игри на среќа, иако биле свесни дека во конкретните случаи таква постапка не смеела да биде спроведена.


Уште на 24 ноември 2025 година тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека доказите против Груби се обезбедени и дека се чекала неговата екстрадиција од Косово. И покрај неговото враќање во земјата пред повеќе од пет месеци, обвинителството сè уште нема поднесено обвинение. Од Обвинителството и понатаму велат дека нема нови информации за истрагата што би можеле да ги споделат со јавноста.

Одлуката дали до 22 август ќе биде поднесено обвинение ќе биде клучна за понатамошниот тек на постапката. Ако рокот истече без обвинителен акт, на Груби ќе му биде укинат куќниот притвор, а судот ќе определи друга мерка за обезбедување на неговото присуство, која вообичаено е одземање на патната исправа.