Пораснаа цените на нафтата

Макфакс

06/08/2026

20:02

259

Големина на фонт

а а а

На светските пазари пораснаа цените на нафтата, близу до 81 долар за барел, поради неизвесните преговори меѓу Иран и Оман за Ормутскиот теснец, како и извештаите за напади врз саудиски танкери во Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Цените на нафтата денес повторно пораснаа на меѓународните пазари, приближувајќи се до 81 долар за барел. Трговците се претпазливи поради неизвесниот исход од преговорите меѓу Иран и Оман за отворање на Ормутскиот теснец и извештаите за напади врз саудиски танкери во Црвеното Море и Аденскиот Залив.

На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше попладне за 80,90 долари, што е за 1,45 долари повеќе од вчерашното затворање. На американскиот пазар, барелот се зголеми за 1,04 долари на 76,26 долари.

Трговците се обидуваа да ги проценат шансите за успех на преговорите меѓу Иран и Оман за управување со Ормутскиот теснец во средината на неделата. Во тоа време, цените во Лондон беа речиси непроменети, додека во САД паднаа за 55 центи.

Пазарот денес беше обележан со претпазливост, бидејќи инвеститорите не се убедени дека новиот договор би можел да трае долго.

„Трговците сè уште се сеќаваат на краткотрајниот Меморандум за разбирање потпишан во јуни и сега разбирливо се плашат дека новиот договор би можел да биде исто толку кревок“, рече аналитичарот на KCM Trade, Тим Вотерер.

„Иран и Оман се согласија за географските координати на водниот пат низ Ормутскиот теснец и финализираат заедничка изјава, под услов одредени трети страни да не бидат вклучени во процесот“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи.

Според „Ројтерс“, предложениот договор би му дал на Техеран контрола врз бродовите што влегуваат во Персискиот Залив преку Ормутскиот теснец.