Расположението на берзите во моментов тешко дека би можело да биде подобро. Индексите „Dow Jones“ и поширокиот „S&P 500“ го завршија тргувањето во вторникот на Волстрит во Њујорк на нови рекордни нивоа, а растот продолжи и во средата.
Тоа беше поттикнато од надежите дека Ормускиот Теснец, кој има клучно значење за трговијата со нафта и гас, наскоро повторно ќе биде отворен. Цената на нафтата веднаш падна под 80 долари за барел.
Растот на берзите дополнително беше поттикнат од силните резултати на американските технолошки компании и производителите на чипови, чии акции во јули претрпеа големи загуби.
Сепак, предупредувањата дека би можел да пукне нов финансиски балон не стивнуваат. Проценките на вредноста на компаниите, особено во областа на вештачката интелигенција, се оценуваат како претерани. Очекувањата за идните профити се многу високи, додека десетици милијарди долари се вложуваат во изградба на дата-центри, иако никој не може со сигурност да каже дали тие инвестиции некогаш ќе се исплатат.

Моника Розен, експерт за американскиот финансиски пазар, забележува дека меѓу инвеститорите расте скептицизмот, иако смета дека вистинска криза сè уште не настапила. Таа сегашната ситуација ја споредува со пукањето на „Dot-com“ балонот на почетокот на 2000-тите години.
„Тогаш луѓето инвестираа во сè што го содржеше зборот ’internet‘, а денес инвестираат во сè што ја носи ознаката ’AI‘“, изјави таа.
Според неа, големата нервоза на пазарот и растот на премијата за ризик кај државните и корпоративните обврзници укажуваат на потреба од претпазливост. Слична ситуација постоеше кон крајот на 1999 година, непосредно пред пукањето на „Dot-com“ балонот и големиот пад на берзите.
Покрај климатските промени, уште една голема причина за загриженост е долгот. Соединетите Американски Држави се приближуваат до национален долг од околу 40 билиони долари, што е најголемиот државен долг во светот. Само трошоците за камати сега изнесуваат околу еден билион долари годишно, односно приближно 2,7 милијарди долари дневно. Тоа е речиси еднакво на овогодишниот американски буџет за одбрана.

Основниот проблем е што, поради растечката нервоза на финансиските пазари, инвеститорите бараат сè повисока премија за ризик при купување американски државни обврзници.
Приносот на триесетгодишните американски државни обврзници сега надминува пет проценти, што е ниво кое не е забележано од 2007 година, непосредно пред избувнувањето на глобалната финансиска криза. Со други зборови, Соединетите Американски Држави речиси две децении не плаќале толку висока цена за задолжување.
Американската администрација официјално го оценува овој развој на настаните како привремена појава предизвикана од растот на цените на енергенсите поради воените конфликти. Тој раст ја поттикна инфлацијата во САД, предизвика незадоволство кај гласачите на Доналд Трамп, кои во голема мера зависат од автомобилите, и на крајот ги спречи Федералните резерви да ги намалат каматните стапки.
Моника Розен смета дека во овој момент е дури поверојатно ново зголемување на каматните стапки во САД.
Тоа е дополнителна причина поради која премиите за ризик се толку високи. Поради тоа, буџетските проблеми на администрацијата на Доналд Трамп стануваат сè поизразени.

Останува да се види дали растот на трошоците за финансирање ќе биде само привремен. Според директорот на австрискиот институт „WIFO“, Габриел Фелбермаер, американскиот надворешен долг, споредено со светскиот бруто-домашен производ, денес е околу трипати поголем отколку во 2007 година.
„Државниот долг на САД и огромниот корпоративен долг создаден поради инвестициите во вештачката интелигенција се приближуваат еден кон друг. Така настануваат финансиските кризи – проблемите се натрупуваат со години, а потоа доаѓа до ненадеен колапс“, рече тој.
Американските долгови, вклучувајќи ги и долговите на приватните компании, во голема мера се финансираат од странство, бидејќи во самите Соединети Американски Држави нема доволно домашен капитал. Таквата рамнотежа може да биде политички многу чувствителна.
„Секако, никој не може да каже кога ќе дојде до пресврт. Но, ако довербата во американскиот долар биде сериозно нарушена, би можеле да се соочиме со мајката на сите финансиски кризи“, заклучи тој.














