Силен топлотен бран го зафати Корејскиот полуостров, а властите на Северна Кореја, преку државните медиуми, објавија низа совети до граѓаните за тоа како полесно да се справат со високите температури. Меѓу препорачаните јадења се традиционална чорба од кучешко месо, како и пилешка супа со женшен, пренесе Ројтерс.
Државната телевизија соопшти дека температурата во земјата достигнала 36,7 Целзусови степени што, според севернокорејските медиуми е највисоката измерена вредност откако започна мерењето. Весникот „Родонг Синмун“ ги објави препораките на лекарите од Општата болница во Пјонгјанг, кои им советуваа на граѓаните да јадат лубеница, краставици и мунг грав во текот на топлите денови, но и похранливи јадења како што се чорба од кучешко месо, каша од риба и каша од црвен грав.

Во текстот на државниот весник се издвојува чорбата од кучешко месо, опишана како традиционално летно јадење за кое луѓето веруваат дека има лековити својства во текот на најжешките денови. Севернокорејските медиуми, исто така, потсетија дека на почетокот на годината се одржал национален натпревар во подготовка на јадења од кучешко месо.

Државната новинска агенција КЦНА, исто така, го промовираше „самџетанг“, традиционална пилешка супа со женшен, леплив ориз и хинап, наведувајќи дека токму таквите јадења ги привлекуваат гостите во рестораните во Пјонгјанг за време на топлите денови.
Покрај препораките за исхрана, државните медиуми емитуваа и совети за заштита на здравјето за време на топлотниот бран, вклучувајќи доволен внес на течности, пливање и избегнување на прекумерен напор на отворено.
Северна Кореја не објави податоци за смртни случаи поврзани со топлината, додека Јужна Кореја објави повеќе од 20 вакви случаи.

Покрај препораките за здравје, државните медиуми повторно ги истакнаа пораките за лидерот Ким Џонг Ун, наведувајќи ги неговите претходни тури за време на неповолни временски услови и обидувајќи се да го претстават како некој што ги споделува тешкотиите со народот.










