Полицаец удрил лице со врзани раце во Градски парк, пријавен за малтретирање

Макфакс

08/08/2026

15:00

365

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против помлад полицаец од Полициската станица Центар, кој е осомничен дека употребил физичка сила врз лице со врзани раце во Градски парк, при што е пријавен за малтретирање во вршење на службата.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до ОЈО ГОКК поднел кривична пријава против А.Т., поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143 од Кривичниот законик.

Пријавениот, кој бил вработен како помлад полицаец во Полициската станица Центар при СВР Скопје, на 24 мај 2026 година околу 02:53 часот, во Градски парк – Фонтана на булеварот „Илинден“, при вршење службени дејствија кон лице лишено од слобода, употребил физичка сила без основ.

Според пријавата, лицето на кое му биле врзани рацете со лисици било удрено во грбот. Со ваквото постапување, според МВР, полицаецот постапил на начин со кој се понижува човековото достоинство и личност.

Одделот за внатрешна контрола против пријавениот ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работната дисциплина.