Швајцарската тениска легенда Роџер Федерер испадна од клубот на милијардери откако вредноста на акциите на спортската компанија „On“ нагло падна.
До остриот пад на акциите за повеќе од 20 проценти дошло поради забавувањето на растот на приходите на брендот и неисполнетите очекувања на финансискиот пазар.
Поради овој потрес на пазарот, Федерер загубил околу 52 милиони долари, со што неговото вкупно богатство се намалило на 952 милиони долари.

Прославениот тенисер поседува околу три проценти удел во оваа швајцарска компанија за спортска опрема, со која успешно соработува уште од 2019 година.
По оваа финансиска загуба, на престижната листа на спортисти милијардери останаа само осум имиња.
Меѓу нив се наоѓаат великани како Мајкл Џордан, Леброн Џејмс и Тајгер Вудс, но и фудбалските икони Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Дејвид Бекам.

Поранешниот тенисер Јон Циријак бил првиот спортист кој во 2007 година го достигнал овој статус, благодарение на паметните инвестиции во недвижности и финансискиот сектор.
Во текот на својата богата кариера, Федерер заработил 131 милион долари само од награди на турнири, додека од спонзорства остварил приходи од речиси една милијарда долари.