Колку чини да се биде милионер? Ова се европските земји со највисоки даноци на богатство

Супермен

11/08/2026

21:29

781

Големина на фонт

а а а

Во Европа, само три земји применуваат данок на нето-богатство. Дознајте како Норвешка, Шпанија и Швајцарија го оданочуваат богатството на физичките лица.

Поседувањето многу пари не значи нужно и плаќање данок на целокупното богатство. Во Европа тоа е повеќе исклучок отколку правило. Данок на целокупното нето-богатство на физички лица се применува само во Норвешка, Шпанија и Швајцарија, покажуваат податоците на „Tax Foundation“.

Во 2026 година, само три европски држави имаат данок на нето-богатството на физички лица. Овој вид данок периодично се пресметува на вкупната вредност на имотот што го поседува едно лице, откако од него ќе се одземат неговите обврски (долгови). Односно, не станува збор само за данок на стан или на друг недвижен имот, туку за оданочување на нето-богатството во целина, пишува „businessnovinite“.


Што значи „данок на богатство“?

Кај овој модел, државата не гледа само какви приходи остварува едно лице, туку и што поседува. Во предвид може да се земат различни видови имот (актива), како што се недвижности, финансиски инвестиции и други облици на имот, при што од нивната вредност се одземаат долговите.

Така, на пример, лице со голем имот, но и со значителни обврски, се оданочува врз основа на вредноста на неговото нето, а не на бруто-богатство.

Какви даноци се плаќаат во државите?

Норвешка применува данок на нето-богатство од 1% на имотот на физички лица кој надминува 1,9 милиони норвешки круни (172.710 евра/долари), при што 0,35% одат во општините, а 0,65% во централната влада. Данокот на нето-богатство во Норвешка датира уште од 1892 година. Покрај тоа, за нето-богатство кое надминува 21,5 милиони норвешки круни (2,2 милиони американски долари), даночната стапка изнесува 1,1 отсто.

Данокот на нето-богатство во Шпанија е прогресивен данок, кој се движи од 0,16% (во Навара) до 3,5% за имот вреден повеќе од 700.000 евра, при што стапките значително се разликуваат во различните автономни региони на Шпанија. Андалузија, Кантабрија, Ла Риоха, Мадрид и Мурсија нудат 100% даночни олеснувања за лица со нето-богатство помало од 3 милиони евра.


Екстремадура нуди 100% даночни олеснувања. Шпанските резиденти подлежат на овој данок на глобално ниво, додека нерезидентите плаќаат данок само на имотот што се наоѓа во Шпанија.

Покрај тоа, во 2022 година шпанската централна влада воведе „данок на солидарност на богатството“, кој се движи од 1,7% до 3,5% за лица со нето-имот поголем од 3 милиони евра (3,46 милиони американски долари). Според оваа даночна шема, централната влада ги собира сите дополнителни приходи од данокот на солидарност, откако ќе се одбие регионалниот данок на богатство.

Во декември 2023 година, шпанската централна влада ја продолжи примената на данокот на солидарност на неодредено време. Како резултат на тоа, Мадрид и Андалузија повторно го воведоа данокот на богатство, со цел регионалните влади да ги задржат приходите што централната влада планирала да ги собира.

Швајцарија го применува својот данок на нето-богатство на кантонално ниво и го опфаќа имотот на глобално ниво (со исклучок на недвижностите и постојаните објекти кои се наоѓаат во странство). Даночните стапки и олеснувањата значително се разликуваат во различните кантони. Швајцарскиот данок на нето-богатство првпат бил воведен во 1840 година.


Европа постепено се откажа од овој данок

Данокот на нето-богатство некогаш беше пошироко распространет во Европа. Денес, сепак, сликата е поинаква. Покрај трите држави кои го оданочуваат целокупното нето-богатство на физичките лица, Франција, Италија, Белгија и Холандија имаат даноци поврзани со богатството, но тие се насочени кон одреден имот, а не кон целокупниот нето-имот на лицето.

Тоа значи дека во овие земји не се прави единствена проценка на сè што поседува одредено лице за да се оданочи неговата вкупна нето-вредност.

Во Европа данокот на богатство во неговата најдиректна форма е реткост. Само три држави продолжуваат целосно да го оданочуваат нето-богатството на физичките лица во 2026 година.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk