Ги посетил сите земји во светот двапати: За овој град вели дека е целосно потценет

Точка

20/08/2026

20:39

664

Големина на фонт

а а а

Норвешкиот патописец и автор Гунар Гарфорс ја посетил секоја држава во светот и тоа двапати. Во разговор со „Unilad“ тој зборувал за своите патувања и ги издвоил дестинациите за кои смета дека туристите неправедно ги занемаруваат.

Неговиот совет е едноставен – не треба секогаш да се следат истите туристички рути и она што е популарно на социјалните мрежи.


Гарфорс не е љубител на масовниот туризам бидејќи смета дека премногу луѓе истовремено се упатуваат кон исти места. „Сите сакаат да го видат Колосеумот или Ајфеловата кула. Такви места постојат низ целиот свет“, рекол тој, а потоа додал: „Овците не се иновативни и не треба да се угледуваме на нив“.

Како една од причините за таквото однесување тој ги посочил токму социјалните мрежи. „Многумина го прават тоа поради социјалните мрежи. Имаме омилен ’инфлуенсер‘ и некритички го следиме она што нѝ го кажува“. Затоа ги советува патниците да бидат „малку пооригинални“ и самите да се обидат да пронајдат места кои сè уште не се преплавени со туристи.

Сеул го смета за целосно потценет

Меѓу илјадниците градови што ги посетил, особено го издвојува Сеул. „Мојот омилен голем град во светот веројатно е Сеул во Јужна Кореја. Целосно е потценет“, истакнал тој.


Како една од неговите најголеми предности ја истакнува живата културна сцена. „Со сиот тој К-поп, сега освојуваат Оскари и снимаат ТВ-серии кои се извезуваат низ целиот свет. Во Сеул можете да ги пронајдете сите најнови трендови“, додал Норвежанецот.

Тој забележал и дека туристите често го избираат Токио, додека Сеул останува во негова сенка. „Таму има толку многу работи што можат да се видат. Тоа е неверојатно место“, додал тој.


Готланд за љубителите на историјата

Втората дестинација што ја препорачува се наоѓа во Шведска. Станува збор за Готланд, остров во Балтичкото Море, а особено го издвоил неговиот главен град Висби.


Го опишал како „најдобриот средновековен град во Европа, ако не и во светот“. „Тоа е вистински бисер, а не го посетуваат многу луѓе. Освен жителите на нордиските земји, ретко кој оди таму“, рекол тој.

Најголем впечаток му оставил стариот град со тесните улички и скриените премини. Таму, како што рекол има многу кафулиња, ресторани, барови и историски градби.

„Таму имате сè. Местото е многу живописно и мирно“, истакнал Норвежанецот.


Патувањата и препораките на Гарфорс може да се следат на неговите социјални мрежи.