Германскиот милијардер Клаус-Михаел Кине, еден од најбогатите луѓе во Швајцарија и мнозински сопственик на логистичката компанија „Kühne+Nagel“, починал денеска во раните утрински часови на 90-годишна возраст, соопшти компанијата која тој ја водеше со децении.
Претседателот на компанијата, Јерг Воле, изјави дека со неговата смрт компанијата изгубила „визионер, голем претприемач и исклучителна личност“, пренесува „Swiss Info“.
Клаус-Михаел Кине и неговата сопруга Кристина немале деца.

Неговото богатство, кое според проценката на швајцарското списание „Bilanz“ изнесувало 21–22 милијарди швајцарски франци, ќе биде пренесено на Фондацијата „Kühne“.
Кине бил член на управниот одбор и најголем акционер на групацијата „Kühne+Nagel“, а неговата холдинг-компанија поседува удели и во низа други големи компании, меѓу кои се „Lufthansa“, „Hapag-Lloyd“, „Brenntag“ и „Flix“, како и во хамбуршкиот фудбалски клуб ХСВ.
Роден е во Хамбург во 1937 година, а на семејната компанија „Kühne+Nagel“ ѝ се приклучил во 1958 година, на 21-годишна возраст.

Веќе во 1966 година станал генерален директор и со децении имал оперативна контрола врз работењето. Кине во 1975 година се преселил во Швајцарија, каде што потоа имал главно живеалиште.
Под негово раководство, компанијата која започнала како германски шпедитер прерасна во една од најголемите светски логистички групации, со речиси 90.000 вработени во речиси 100 земји.








